Деспина Стојановска, психолог, системски семеен советник

Деспина Стојановска, психолог, системски семеен советник

Повеќе од авторот

„Ако ловите риба за детето, ќе биде најадено дента, но ако го научите само да лови, никогаш нема да остане гладно“

Често слушам дека родителите се ангажирани околу извршувањето на домашните задачи на своите деца-ученици. Исто така, често го слушам прашањето: Што имаме за домашна? – поставено од родителите. Во многу наврати чувствувам потреба да се вклучам и да кажам: децата имаат свои обврски кои треба сами да ги исполнуваат. Но, еве можност да напоменам некои значајни работи на оваа тема.

Преку извршувањето на своите задачи децата се учат на одговорност. Одговорноста почнува во моментот кога задачата е зададена и треба да ја запомнат. Доколку не ја запомниле, подобро е да појдат без домашна следниот час или сами да се снајдат и да дознаат што требало да направат отколку родителот да му се јави на друг родител и да се информира. Потребно е само еднаш детето да види дека мама и тато ќе дознаат што имало за домашна за да престане да се труди да запомни.

Но, од друга страна, се прашувам каква порака имплицитно родителот му пренесува на своето дете? Ако тој тргне да ги завршува работите, тогаш детето може да сфати дека е глупаво, дека не е способно, дека другите се попаметни што ги запомниле задачите и сл. Ваквата слика за себе воопшто нема да му помогне во иднина да се мотивира и детето ќе заклучи дека едноставно не треба да се труди затоа што и онака „не го бидува“. Додека може, родителот тоа ќе го прикрива и ќе „му помага“ на детето да се справува со своите училишни обврски, но кога детето ќе порасне и обврските ќе се зголемат, одеднаш од него ќе се очекува само да ги извршува сите задолженија затоа што е големо. Се разбира дека во овој период настануваат поголемите тешкотии.

За да не се соочува подоцна со вакви тешкотии, детето, па и родителот, препорачливо е што е можно повеќе да се мотивира и поддржува самостојната работа на детето-ученик. Тука се возрасните да помогнат доколку треба да се појасни некоја содржина од материјалот за учење, но не и да се преземе целосната обврска. Во вакви околности го учиме детето дека своите задолженија треба да ги извршува само, го учиме на одговорност и го правиме способно за снаоѓање во различни ситуации, го подготвуваме за сопствен успех и верба во себе.

„Ако ловите риба за детето, ќе биде најадено дента, но ако го научите само да лови, никогаш нема да остане гладно“ – народна поговорка.



912

X