Доколку сте бремени, најверојатно сте го слушнале советот дека во исхраната треба да внесете бадеми, и тоа наутро. Но, зошто е оваа препорака и што содржи бадемот што е важно за трудницата и за бебето во развој, открива Ксенија Варакина Митрај, биохемичар од Русија.

Иако многу трудници се прашуваат дали јаткастите плодови се дозволени за време на бременоста бидејќи се алергени, па се плашат да не му наштетат на своето бебе, еве што вели Ксенија:
„Шпекулациите дека консумирањето бадеми во бременоста може да предизвика идни алергии кај детето немаат научна основа. Единствената причина да ги избегнувате е ако сте покажале нетолеранција на бадемите. Доколку сте алергични на јаткасти плодови, проверете со вашиот лекар пред да ги воведете во исхраната. Но, доколку овој производ сте го јаделе мирно пред бременоста, веројатно нема да има реакција ниту сега“, вели Ксенија.

Зошто бадемите се добри за време на бременоста?

Според една научна студија, жените што јадат јаткасти плодови во раната бременост имаат попаметни бебиња. Таквите деца имале подобра меморија, биле повнимателни и побрзо совладувале одредена вештина. Најдобри резултати дале децата чии мајки јаделе јаткасти плодови во првото тромесечје од бременоста.

Ова може да е така затоа што бадемите се богати со фолна киселина и есенцијални масни киселини како што се омега-3 и омега-6. Овие компоненти можат да се акумулираат во нервниот систем, особено во фронталниот лобус на мозокот, што влијае врз размислувањето и меморијата.

Фолната киселина има корисен ефект врз формирањето на ДНК и РНК синџири, кои се основа на сите ткивни клетки. Тоа им е потребно на сите ткива што брзо се делат.

Корисни карактеристики на бадемите

Бадемите се една од најхранливите намирници во нашата исхрана. Тие содржат есенцијални масти, протеини и витамини, кои се неопходни за здрав раст и развој на детето. Вклучувањето на бадемите во исхраната на трудницата може да помогне во одржувањето здрава бременост. Еве неколку корисни својства на бадемите:

-Тие содржат фолна киселина, која го поддржува формирањето на мозокот и нервниот систем на фетусот.
-Тие се богати со здрави незаситени масти и сложени јаглехидрати.
-Имаат антиоксидантно, антиинфламаторно и хипогликемично дејство.
-Помагаат во намалувањето на нивото на хормонот за глад, а истовремено ги зголемуваат хормоните кои го потиснуваат апетитот, што значи дека помагаат да се одржи здрава тежина за време на бременоста.
-Јаткастите плодови се богати со железо, кое ги поддржува развојот на срцето и имунитетот на децата.
-Јадењето бадеми помага да се зголеми количината на алфа-токоферол, состојка присутна во крвта која го регулира крвниот притисок.

Колку бадеми треба да јадат трудниците и зошто наутро?

Најдобро е да вклучите околу три дланки јаткасти плодови неделно (околу 90 грама) во првите три месеци од бременоста. Најбезбеден начин за јадење бадеми е да ги натопите во вода преку ноќ и да ја отстраните лушпата пред јадењето. Ова ослободува хранливи материи и ензими кои го помагаат при варењето и ги разградуваат мастите.

Им треба долго време за да се сварат, па најдобро е да ги јадете наутро или пред ручек. Корисните материи од бадемите побрзо ќе се апсорбираат доколку ги јадете на празен стомак. Но, во попладневните часови е подобро да се избегнуваат бадеми. Во овој период, базалниот метаболизам се забавува, а висококалоричните бадеми може да доведат до зголемување на телесната тежина.

Извор



912

X