Игротека

Зошто трудниците се натпреваруваат во сè, како бременоста да е олимписка дисциплина?

Беше тоа еден прекрасен и незаборавен ден кога првпат дознав дека сум бремена. Почнав лесно да се подготвувам за сето она што ме чека – книги, филмови, текстови, се зачленив во сите „групи за мајки“. Ѝ се воодушевував на секоја мајка, ги впивав советите на другите мајки, на интернет, во книгите, се чувствував дека тие мои извори вистински ме подготвија за она што ме чека.

Меѓутоа, на една работа никој не ме подготви: НАТПРЕВАРУВАЊЕ. Да, да, вистинско мајчинско натпреварување кое започнува од самото зачнување на таа малечка точка во утробата. Да наведеме некои од дисциплините на овој уште непризнат олимписки спорт: „Леле, јас воопшто не повраќав, не знам како ти поминуваш толку време со главата на веце-школката, нешто тука не е во ред“. „Супер изгледаш, баш е убаво да се види трудница со вистински стомак, мене едвај ми се познаваше дека сум трудна, воопшто не се здебелив“. „Па ти воопшто не си се здебелила! Грозно!“ „Како ќе ти напредува бебето? Чекај, во 15. недела на ултразвук твоето бебе личеше на плод од 15. недела? Моето беше напредно, личеше на бебе уште од 20. недела. Дали е сè во ред со тебе?“ „Мојот гинеколог е подобар од твојот“. „Како мислиш не можеш да мрдаш?“ „Размислуваш за епидурална? Мораш со царски? Леле, кутрата ти, нема да ја доживееш вистинската радост на породувањето. Но, немој да мислиш дека си помалку вредна и дека не си способна да родиш“.

Породување во филмовите vs породување во реалноста

Ова се само некои од дисциплините на најважниот натпревар, а јас, за жал, речиси сите ги искусив – освен царскиот рез. Наспроти брилијантноста во последната дисциплина, некако се сомневам дека ќе ме примат во репрезентацијата. Не сум баш некој репрезентативен примерок за тоа како би требало да изгледа една трудница и како би требало да се чувствува.

Изразот „блажена состојба“ лошо се интерпретира како состојба во која сè е супер и сè е блажено. Секоја трудница е различна, еднакво како што и секоја жена е различна. Секоја од нас поднесува одредени работи на одреден начин. Некои жени не ја вадат главата од веце-школката цели 9 месеци и се радуваат ако наутро трчајќи кон веце успеат да стават шнола на косата, па немаат остатоци од синоќешната вечера на неа. Некои завршуваат со отечени нозе, како да оделе покрај кошници со пчели, некои стравуваат од одењето во веце поради новонастанатите хемороиди, додека има многу од нас што на секои 15 минути одат да уринираат, па не одбираат локација.

Има и такви, за жал, што имаат здравствени проблеми и мора да мируваат во текот на бременоста, на кауч или во болница, а има и такви на кои бременоста им е прекрасен период без никакви тегоби. Знаете што? Сите варијации од оваа блажена состојба се во ред. Изразот „блажена состојба“ погрешно се интерпретира како состојба во која сè е супер, па жените некогаш имаат нереални очекувања од себеси бидејќи воопшто не е сè супер и блажено, туку состојбата се нарекува блажена бидејќи во себе носиме нов живот, ново човечко битие кое веќе од првиот ултразвук го сакаме повеќе од сопствениот живот. Не е една мајка подобра од друга бидејќи трпи и не е втората мајка подобра од првата бидејќи не трпи, не е важен начинот на кој бебето пристигнало на светот, колку килограми добила мајката или не, дали лежи постојано или сади компири во градината. Целосно е неважно сето ова, освен прашањето дали бебето е добро. И ете, поради горенаведеното, му предлагам на Олимпискиот одбор да го одложи прифаќањето на овој спорт, да се намали натпреварувачкиот дух и задолжително да се воведе користењето на изразот „знам како ти е“.

Автор: Карла Медиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top