Во бременоста се случуваат многу промени во телото на жената, но и многу емоционални и психолошки промени. Како што одминува времето, стомакот на трудницата се зголемува, се појавуваат низа очекувани симптоми, а потоа во еден момент се појавува и ‘рчење!

„Дефинитивно не е невообичаено жените да почнат да ‘рчат кога ќе забременат“, вели гинекологот Саломе Масгати, доктор на науки. Зошто бремените жени почнуваат да ‘рчат во бременоста, како да го намалите и дали ‘рчењето е знак за нешто посериозно?

Зошто бремените жени повеќе ‘рчат?

Зголемената веројатност за ‘рчење во бременоста првенствено се должи на хормоналните промени кои го поддржуваат растот на вашето бебе.

„За време на бременоста вашето тело произведува многу прогестерон за да помогне во одржувањето на бременоста“, објаснува д-р Масгати. Како што се намалува мускулниот тонус во грлото, непцето може да ви опадне ноќе и да предизвика ‘рчење. Дишните патишта вибрираат кога дишете, што резултира со ‘рчење. Но, ефектите на прогестеронот за релаксирање на мускулите го прават тоа многу поверојатно да се случи кај бремени жени, што го прави ‘рчењето уште полошо“, вели д-р Масгати.

До 39 отсто од бремените жени страдаат од симптоми како назална конгестија, кивање и течење на носот, а сето тоа може да придонесе за блокирање на дишните патишта и да предизвика ‘рчење. Зголемувањето на телесната тежина и задржувањето на течностите во бременоста, заедно со претходните навики за спиење, исто така може да игра улога.

„Ако жената претходно имала проблеми со дишењето преку устата или е веќе со прекумерна тежина, дополнителни промени во бременоста може да доведат до ‘рчење што се манифестира во бременоста“, вели д-р Масгати.

Може да придонесе и животната средина. „Во некои случаи факторите на околината, како што се влажноста и сувиот воздух, може да доведат до ‘рчење“, вели д-р Карлеара Вајс, консултант за спиење на „Aeroflow Sleep“.

Како да го намалите ‘рчењето?

Многу физички приспособувања што предизвикуваат трудниците да се чувствуваат поудобно во креветот може да помогнат при ‘рчењето. „Спиењето настрана, користењето перница за телото или вратот и подигнувањето на главата, вратот и пределот на рамената може да помогнат да се ослободите од ‘рчењето“, сугерира д-р Вајс.

„И користењето навлажнувач може да го намали ‘рчењето. Секако е важно да се внимава да не се здебелите премногу, бидејќи и тогаш веројатноста за ‘рчење и апнеа е поголема. Дополнително, можете да преземете чекори за да се осигурите дека вашите дишни патишта ќе останат колку што е можно почисти“.

„Одржувајте ги дишните патишта чисти така што нежно ќе го плакнете носот со физиолошки раствор“, предлага д-р Масгати. Ако назалната конгестија предизвикана од бременоста придонесува за ‘рчењето, плакнењето со сол пред спиење може да биде многу ефикасно во расчистувањето на работите. Исто така, важно е да се избегнуваат какви било назални деконгестиви кои содржат псевдоефедрин и фенилефрин“, додава д-р Масгати, бидејќи некои истражувања покажале дека тие не се безбедни за употреба за време на бременоста.

Кога да се јавите кај вашиот лекар

Ако воопшто не сте ‘рчеле пред бременоста, ‘рчењето за време на бременоста може да биде знак за посериозен проблем.

„Треба да се истражат случаи на долгорочно ‘рчење кои не се намалуваат со приспособување на однесувањето и животната средина“, сугерира д-р Вајс. Постојаното ‘рчење може да биде знак за опструктивна ноќна апнеа (ОСА), за која бременоста е ризик-фактор.

„Апнеа при спиење, што значи состојба во која лицето често престанува да дише за време на спиењето, може да стане проблем“, вели д-р Масгати. „Тоа може да влијае врз снабдувањето со кислород во мозокот на мајката, како и на мозокот на бебето. Апнеата се карактеризира со епизоди на целосен или делумен колапс на дишните патишта за време на спиењето, што го намалува количеството на кислород што го дишете и може да стане опасно ако не се лекува.

„Ако постојано се чувствувате уморни и покрај тоа што доволно спиете или ако вашиот партнер забележува периоди кога не дишете навечер, ви предлагам да побарате лекарска помош“, вели д-р Масгати. ‘Рчењето во бременоста е многу често и сосема нормално бидејќи физичките промени низ кои поминува трудницата придонесуваат за развој на оваа појава. Во повеќето случаи, можете да го намалите ‘рчењето со менување на положбата на спиење или со користење навлажнувач или физиолошки раствор за плакнење за да ги одржувате дишните патишта чисти.

Дополнително, ако значително сте се здебелиле во текот на бременоста, ако постојано сте исцрпени или вашиот партнер забележал дека не дишете ноќе, ‘рчењето може да биде знак за апнеа, па треба да посетите лекар.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X