Да се прегрнуваат децата значи да им се искажат безусловна љубов и поддршка за нивните проблеми и чувства.

Децата влегуваат во различни фази кои на нивните родители не им се сосема најјасни – се противат, викаат, имаат испади на бес, плач, необично однесување и агресија. Родителите често немаат идеја што да направат иако се и повеќе од исцрпени и доведени до работ на лудилото од таквото однесување. Дали треба да ги пратат децата во нивната соба за да се изладат? Да воведат некакви забрани и казни? Да викаат? Да објаснуваат? Мирно да разговараат? Но, што ако тригодишникот не е сосема подготвен за мирен разговор?
Едно интересно решение се појави како совет од стручно лице, а и многу родители го пробале и тврдат дека дејствува. А тоа е прегрнување на децата како најпогодна постапка во таквите ситуации. Да, толку е едноставно. Еве зошто прегратката се чини како најдобро решение:

Децата подобро учат преку награди отколку преку казни

Разговорот за проблемот проследен со прегратка секогаш е подобар одговор и реакција на проблемот отколку викањето и казнувањето.

Понекогаш несаканото однесување е повик за помош

Понекогаш децата не знаат да ги изразат големите чувства на посоодветен начин или можеби ги мачи нешто друго што им предизвикува стрес и фрустрација. Прегратката може да биде утехата што им е потребна и да ги отвори вратите за почеток на дијалог.

Понекогаш децата имаат лошо мислење за себе и сметаат дека не заслужуваат некој да се однесува добро кон нив

А кога на таквото однесување за возврат ќе добијат однесување во облик на фрустрација и лутина, почнуваат да се чувствуваат уште полошо и да имаат уште полошо мислење за себе, и така се прави маѓепсан круг. Со прегратка ги потсетувате дека не е толку страшно да се згреши и дека сите некогаш грешиме и си простуваме меѓу себе.

Најдобар начин за поттикнување соработка со децата е преку меѓусебна поврзаност

Со вистински однос полесно ќе го добиете саканото однесување од децата и поверојатно е дека ќе бидат отворени за соработка. Ќе има периоди кога децата нема да сакаат или нема да можат да соработуваат, но и тогаш прегратката е силно средство за повторно воспоставување на односот.

Љубовта кон децата е безусловна

Колку и да не ни се допаѓало однесувањето на децата во одредени моменти, и понатаму ги сакаме бидејќи родителската љубов е безусловна. Нашите деца треба да го знаат тоа, а понекогаш треба и да ги потсетуваме, особено кога имаат „пад на моралот“ и не се чувствуваат добро во сопствената кожа.

Понекогаш нам, на возрасните, ни треба прегратка

Кога нашите деца имаат испади и нè повредуваат и кога веќе не знаеме што би направиле и како би постапиле, тогаш и нам ни треба прегратка за да се смириме и да воспоставиме врска.



912

X