Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две девојчиња од 3 и 2 години. Загрижена сум за однесувањето на поголемото девојче. Како бебе беше многу мирно, но откако наполни една година, многу се промени. На почетокот беше само немирна и своеглава, и дома и во градинка. Сега однесувањето многу ме загрижува. Со сестрата не сака воопшто да игра, ниту со други помали деца. Со поголеми знае да игра, ама пак се задева, не се плаши ни да се степа со нив. Постојано ја каса и ја кубе за коса својата сестра, не смеам ни секунда да го тргнам погледот од нив. За ситници пламнува, се бунтува зошто не сме ѕвонеле, зошто не седнала прва на маса, зошто таа не го вклучила телевизорот, зошто таа не ја тргнала рекламата… реакциите се во вид на врескање, плачење, фрлање на под. Пробуваме и со добро и со карање, но бадијала. Дали ова е само период? Како да реагираме, како да се справиме, како да ѝ помогнеме?

ОДГОВОР: Вашето поголемо девојче имало една година кога се родила сестричката. По првата година вие имате впечаток дека детето се променило во начинот на однесување, покажувајќи своеглавост и непослушност, а потоа и агресија.

Доаѓањето на нов член во семејството е една предизвикувачка и стресогена ситуација за поголемите деца од причина што тие потешко прифаќаат да се натпреваруваат за родителската љубов. За таквото прифаќање да се воспостави на соодветен начин, потребно е време и трпелив и смирен однос. Тоа не би значело дека вие треба да го занемарите помалото дете со цел да му надополните време на постарото дете, напротив, на децата треба да им се претстави реалната иако нова семејна динамика.

Сега веќе вашето дете има три години и она што можете да го направите е да ја негувате улогата на постара сестра давајќи вредност на она што таа го совладала и сега би можела да ја подучува помалата сестра. Секојдневно креирајте време еден на еден во кое само вие две ќе правите нешто заедничко и ваше. Вклучете се во нивната симболичка игра. Стимулирајте симболична игра или игра на улоги каде што тие две ќе играат сојузнички и ќе го чувствуваат заедничкото и заемно дејствување. Играјте топка – тие две спроти вас, играјте брканица – тие две против вас. Никогаш не заборавајте да ги пофалите кога заедно прават нешто добро укажувајќи им колку добри сестри се и колку тоа ве прави горда мајка или горд татко.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X