Здравје

Зошто спонтаните абортуси се чести во првото тримесечје од бременоста?

Според традиционалната дефиниција, спонтаниот абортус е несакан губиток на бременоста пред 20. недела. Зачестеноста на спонтани абортуси изнесува 15 отсто од сите клинички препознаени бремености. Вистинската зачестеност е тешко да се утврди. Со употребата на чувствителни тестови за одредување на бета-синџирот на хуман хорионски гонадотропин, откриено е дека стапката на спонтани абортуси изнесува дури 50 до 75 отсто. Дури 1 од 5 бремености завршува со спонтан абортус. Најчесто се случува во раната бременост, па многу жени и не се свесни дека го имале. Главно помислуваат дека менструацијата задоцнила и дека едноставно имаат посилно крвавење од вообичаено.

Пораст на бројот на спонтани абортуси

Д-р Иван Боланча, специјалист по гинекологија и акушерство од Клиниката за гинекологија и акушерство „КБЦ Сестри милосрдни“ од Загреб, објаснува дека истражувањата со кои се споредува зачестеноста на спонтаните абортуси во последните 50 години укажува на постоење постојан тренд на пораст на бројот на спонтани абортуси: „Сигурно за голем дел од тој пораст е одговорен фактот дека бременостите, благодарение на тестовите за бременост и сè подобрите ултразвучни апарати, сè порано се дијагностицираат. Поради тоа, денес знаеме за голем број спонтани абортуси кои порано би поминале незабележано, само како задоцнета менструација.

Голем дел од спонтаните абортуси не се повторуваат

Колку често доаѓа до спонтан абортус и кои се можните причинители: – Спонтаните абортуси не се реткост, па се случуваат во околу 10 до 15 отсто кај жените во репродуктивен период. Со оглед на тоа дека најчеста причина е хромозомска грешка, логично е неговата зачестеност кај постарите трудници да биде поголема, дури и до 40-50 отсто кај трудниците постари од 42 години. Некои од другите можни причини се автоимунолошките нарушувања, ендокринолошки болести, како што се дијабетес, нарушување на работата на тироидната жлезда, синдром на полицистични јајчници, аномалија на матката, како што се миом, полипи, инфекции, како и „хранење“ на тие фактори преку пушење, претерана консумација на алкохол, дрога или некои други хемиски агенси – објаснува Петра Подобник Брлечиќ, д-р по гинекологија и акушерство, и додава дека за голем дел од спонтаните абортуси не може да се открие причината бидејќи често се работи за изолирани случаи после кои настапува уредна бременост и раѓање здраво дете. Кај повеќе од 2 спонтани абортуси, секако се препорачуваат анализи за да се изврши обид за идентификување на причините. Се препорачува да се направи кариограм на двајцата партнери, лабораториски анализи, преглед со ултразвук.

Постојат низа специфични лабораториски и имунолошки анализи за исклучување ретки состојби кои може да бидат причина.

– Кај жените што имаат такви проблеми, најдобро е прво да ги почекаат резултатите од сите анализи за да се планира следната бременост – вели Подобник и објаснува дека истражувањата сè уште не се согласни дали некаква терапија е особено успешна во лекувањето на наведените нарушувања, но искуството покажало дека земањето фолна киселина, ниски дози на ацетилсалисилна киселина, нискомолекуларен хепарин, а во некои ситуации и инфузија со имуноглобулин кај таквите трудници, сепак ја зголемува шансата за спречување спонтан абортус. Треба да се споменат и инфекциите како причинители. Покажана е значителна врска помеѓу некои инфекции и спонтаните абортуси.

Симптоми на спонтан абортус

Најчест клинички показател е вагиналното крвавење. Може да се јави во облик на само неколку капки или, пак, многу обилно. Важно е да се напомене дека симптомите се појавуваат без претходно предупредување. Често како евентуален знак е и кафеавиот исцедок, кој не мора нужно да претставува опасност. Уште еден симптом е грчевита болка во долниот дел на абдоменот. По спонтаниот абортус, во рок од 4 до 6 недели, жената ќе ја добие следната менструација, која е вообичаена. Жената може повторно да остане бремена и пред таа прва менструација, но ако е направена киретажа, се советува да се почекаат барем 3 циклуси пред следната бременост.

Кога е идеална пауза помеѓу две бремености?

Со оглед на тоа дека спонтаниот абортус е губиток на нероденото дете и е тешко за да се преболи, пред планирање на следната бременост потребно е да се обрне внимание на тоа како се чувствувате.

– Секоја жена најдобро може да почувствува дали е емоционално подготвена за нова бременост. Слушајте го својот внатрешен глас. Збогувајте се од детето што не се родило. Завршете ја таа приказна и дури тогаш тргнете понатаму. Иако некои таги оставаат длабока трага во нас и иако некои случки никогаш нема да ги заборавиме, нека новата бременост биде почеток на живот за детето, неоптоварено со наследеното минато – советува Наталија Станковиќ, психолог од психолошкиот центар „Развој“.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top