Воспитување

Им требаат ли пи-ар вештини на современите деца?

Драги родители и деца, често слушаме за тој познат ПР (пи-ар). Вака, како скратеница звучи некако чудно и непознато и изгледа дека баш е резервирано за светот на возрасните. Ајде прво да видиме што значи пи-ар: на англиски јазик тоа е кратенка за „односи со јавност“ (Public relations). Пи-ар е составен дел најпрво од професионалниот живот на компанијата и фирмата чие работење би било незамисливо без пи-ар. Исто така, и луѓето што се познати во своите професии не можат да ја замислат својата работа без пи-ар. Тоа е дел од нивното секојдневие и нивно огледало во јавноста.

Свесни сме за фактот дека животот каков што денес го живееме е забрзан и дека во времето кога ние сме биле деца сè одело некако побавно. Немаше интернет, социјални мрежи, мобилни телефони, па комуникацијата беше многу побавна отколку денес.

Ново време – нови предизвици

Но, комуникацијата во општеството се менува и се приспособува со брзината на развојот на техниката и технологијата. На денешните генерации им се на дофат многу современи достигнувања: интернет, мобилни телефони, различни социјални мрежи, „Вибер“, „Вацап“… Со целиот тој развој се менуваат општествените односи и комуникацијата. Како некој што се родил во минатиот век, и јас сум сведок на сето тоа. Дружењето и односите со другарите од мојата младост се разликуваат од денешниот начин на дружење и комуникација. Во мое време немаше мобилни телефони, а со самото тоа сите договори беа доста побавни од денешните. Не испраќавме е-пораки, туку писма и разгледници, кои патуваа и по неколку дена. На училиште на час по мајчин јазик учевме како правилно да пишуваме писма, разгледници, телеграми…

Ние со големо нетрпение чекавме по неколку дена да ни стигне писмо, разгледница, честитка, додека денес се доволни само неколку секунди некому да му испратиме е-пошта. Комуникацијата стана неспоредливо побрза и морам да признам дека се изгуби онаа страст и исчекување да добиеме некоја информација. Денес со мобилните телефони во секој момент можеме да повикаме некого и да стапиме во контакт, порано постоеја само фиксните телефони и секогаш беше прашање дали тој што се јавил на телефон му ја пренел пораката на тој што сме го барале.

Времињата се променија и сега ситуацијата е таква што сите имаме некаква наша публика на која секојдневно ѝ се претставуваме и ѝ се обраќаме преку социјалните мрежи. Денес децата, покрај училиштето и другарите, имаат уште други обврски: тренинзи, разни курсеви по глума, сликање… Сето тоа се места каде што треба на правилен начин да се претстават себеси. Нашите генерации – овде мислам првенствено на нас, родителите – се сретнаа со мобилните телефони кога веќе бевме возрасни и формирани личности, а денес децата подобро се снаоѓаат со мобилните телефони отколку возрасните.

Знаеме ли правилно да комуницираме?

Денес ни се толку нешта на дофат, но дали сме научиле како правилно да комуницираме преку мобилни телефони, како правилно да напишеме СМС-порака или порака на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, а притоа да оставиме добар впечаток за себе? Токму затоа јас, како мајка на 3 деца и како некој што над 20 години се занимава со пи-ар, дојдов до сознание дека на децата им се потребни пиар-вештини. Децата треба да научат успешно да комуницираат и  да се претстават себеси во најдобро светло, што и е суштината на пи-арот. Многу е важно да научат како да формираат комуникација, првенствено со своите врсници и таа комуникација да се заснова на почитување на другото лице.

Важно е децата да сфатат дека кога нешто силно сакаат, таа желба всушност претставува цел која тие сакаат да ја постигнат. Потоа кога ја разбираат и дефинираат целта, треба да научат кои се начините за нејзино остварување. За секоја цел се потребни одредени стратегии и тактики. Досега децата ги користеле овие поими во игри на интернет и веројатно мислат дека тие зборови само за тоа служат. Токму преку пи-ар треба да научат што се тоа стратегии и тактики во реалниот живот и како да ги користат како алатки за постигнување одредена цел.

Вистинско време е децата да зачекорат во светот на пи-арот и да научат како на убав начин со писмено и усно изразување и правилна комуникација – да се претстават себеси во вистинско светло – а со самото тоа да воспостават правилна комуникација со своето опкружување и да научат правилно да го користат комуникациското преговарање. На тој начин ќе го постигнат она што е најважно – а тоа е договорот. Иако можеби зборот преговарање ви звучи пресилно за опишување на комуникацијата меѓу децата, верувајте ми: до секој договор се доаѓа исклучиво преку разбирање и правилно користење на преговарањето!

Автор: Драгана Николиќ, дипломиран специјалист за односи со јавност

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top