Неодамнешниот глобален преглед спроведен од УНИЦЕФ забележа дека иако вкупната инциденција на ХИВ низ светот е намалена, кризата и понатаму постои меѓу адолесцентните девојчиња и децата во различни региони.

Само во 2022 година 99.000 смртни случаи се припишуваат на причини поврзани со сида или стадиум 3 на ХИВ, при што најпогодени се Источна и Јужна Африка, а потоа следуваат Западна и Централна Африка, Источна Азија и Пацификот, Латинска Америка и Карибите и Јужна Азија.

Извештајот нагласува значителен диспаритет во пристапот до третман за ХИВ за децата во споредба со возрасните во погодените области.

Недоволната достапност на антиретровирусни лекови соодветни на возраста и предизвиците во дијагностичките процеси дополнително ги попречува напорите за справување со кризата, особено во земјите со низок и среден приход.

Непропорционалното влијание врз адолесцентните девојчиња и младите жени во Супсахарска Африка се припишува на различни меѓусебно поврзани ризик-фактори, вклучително и рано започнување со сексуална активност, меѓугенерациски сексуални односи, висока социо-економска ранливост, трансакциски секс (сексуална уцена), ран брак, ниско ниво на образование, родова нерамнотежа на моќта, насилство и лишување достапни услуги за адолесцентите и младите.

Џенифер Арни, виш технички советник во „ФХИ 360“, вели дека сексуалното насилство, особено насилството од интимниот партнер, ги става младите жени во зголемен ризик од ХИВ. Понатаму, д-р Тетјана Васиљева забележува дека преваленцијата на ХИВ кај адолесцентните девојки и младите жени е повеќе од трипати поголема отколку кај мажите на иста возраст.

Извештајот ја нагласува потребата за подобрен пристап до дијагноза и третман, особено за децата, бидејќи ХИВ значително влијае врз нивните млади имунолошки системи. СЗО проценува дека без подобар пристап, 50 отсто од децата со ХИВ нема да преживеат две години, а 80 отсто нема да го доживеат својот петти роденден. Повеќе од 90 отсто од случаите на ХИВ во детството се резултат на пренос од заразена мајка за време на бременост, породување или доење.

И покрај предизвиците, постои надеж. Децентрализираната дистрибуција на третман и стратегиите за далечинско обезбедување услуги се покажаа како успешни, иако остануваат предизвици во спроведувањето на овие решенија поради ограничувањата на ресурсите.

Извор



912

X