Ултразвукот на мозокот е визуелна дијагностичка метода со прикажување на градбата на мозокот. Бидејќи ултразвучните бранови не поминуваат низ коските, за приказ на мозокот во черепот потребен е таканаречен акустички простор. Во новороденечката и доенечката доба, но и кај прерано родените деца, за изведување анализи ја користиме голема фонтанела, структурата на врвот на главата каде што коските од черепот по породувањето не се целосно закоскени. Средниот дел од големата фонтанела овозможува оптимален приказ на градбата на мозокот.
Прегледот се изведува така што детето лежи на грб на стол за прегледување (или во инкубатор). Над отворот од голема фонтанела се става контактно средство (гел) и се приближува сонда од ултразвучен апарат. Се движи во посакуваните насоки за добивање различни меѓународно стандардизирани улстрасонографски пресеци на мозокот. Според потребата, зависно од наодот, ултразвучниот пресек може и да се приспособува. Со постапно затворање на големата фонтанела, како и растот на главата, се намалува прецизноста на методата до неможност за изведување анализи.
Како изгледа ултразвук на мозок
Ултразвукот не мозокот е безболна, неинвазивна и нештетна анализа за детето и може да се повторува повеќе пати ако е потребно. Поради својата едноставна и практична примена, ултразвукот денес е метода на избор на преглед на мозокот во неонаталогијата и развојната неврологија. Во секоја од положбите на ултразвучната сонда се прикажуваат градбата и евентуалните нарушувања во анатомската структура на мозокот. Најчестата медицинска индикација за ултразвук на мозокот е перинаталното невроризично дете, прераното породување, недостигот на кислород, отежнатото породување, низок Апгар-скор, перинатална инфекција или други медицински состојби кои може да влијаат на бременоста, породувањето и раната доба после раѓањето на детето. Се изведува и кај деца со мала породилна маса или отстапки во опсегот на главата, како и динамиката на раст на опсегот на главата (премалку или премногу) која редовно се следи со систематски прегледи во педијатриски ординации. Се препорачува како анализа кај сомнеж во невроразвојно отстапување во првите месеци од животот во смисла на забавен невроразвој, хипертонус, хипотонус и слично, токму поради поголемата прецизност ако порано се изведе.
Ултразвукот на мозокот се изведува и кај деца кои во раната доенечка доба ќе развијат конвулзии, епилептични напади, кои се претерано поспани и раздразливи.

Модерни уреди
Во случај на знаци на зголемување на интракранијалниот притисок (притисок во главата), ултразвукот е одлична метода за следење на динамиката на промените. Но и индикација за оперативно лекување и вградување „пумпи“, односно вентрикулоперитонеална дренажа од страна на неврохирург, како и следење на движењето на притисокот по операцијата. Редовно се изведува и кога има сомнеж за аномалија на градбата на ‘рбетот.
Во текот на годините, со развојот на технологијата ултразвучните апарати многу напредувале. Иако не можеме да ја менуваме физиката на ултразвучните бранови, сè подобрите ултразвучни сонди и компјутерски анализи овозможуваат сè подобра резолуција и приказ на градбата на младиот мозок. Релативно е чест наодот на многу благи промени или дури физиолошки анатомски варијации за кои не се очекуваат тегоби. Од друга страна, наодот на значително крвавење, недостиг на кислород, пораст на притисокот или аномалија на градбата на мозокот може да доведат до повторување на анализите и дополнителна дијагностичка невропедијатриска обработка.
Анализите најчесто ги изведуваат педијатри, неонатолози и невропедијатри со јасно толкување на наодите пред родителите.
Автор: д-р Горан Кракар, невропедијатар