Празниците можат да бидат возбудливо време за децата. Училиштето заврши, доаѓа забава, семејно дружење, подароци… Но, на некои деца празниците им се најтешкиот период во годината.

Родителите често знаат да бидат преокупирани со себеси, па доцна забележуваат дека децата им страдаат од празнична депресија.

Тешко е да сфатите и да откриете дека вашето дете страда од празнична депресија, но тоа е и важно.

– Децата ќе направат сè за да ги сокријат своите емоции, особено ако почувствуваат напната семејна атмосфера – сметаат психолозите.

За родителите да забележат дека нешто не е во ред, мора да бараат специфични траги. Но, тоа  е тешко, главно затоа што родителите не сакаат да признаат дека се преокупирани само со себе.

Понекогаш толку многу што немаат време детално да ги проучат своите деца. Детските психијатри и психолози ги открија најчестите причини за детската депресија. Една од нив е тензијата што расте помеѓу родителите, кои често се нервозни и напнати поради трошоците и очекувањата што не можат да ги задоволат.

Многумина од нив токму за празниците, а дури и на самите празници, ќе работат повеќе за да ги намират долговите и ова е уште една причина за тага кај децата – нивното отсуство во време кога сите велат дека семејството треба да биде заедно.

Постојат и други поретки причини – развод на родители, притисок од врсници или едноставно – превисоки очекувања.

Да, многу деца сакаат нивното семејство да биде совршено, така што имаат високи очекувања за време на празниците, време кое треба да послужи како лек за сите проблеми. А тоа најчесто не излегува така затоа што постои голема разлика помеѓу очекувањата и реалноста.

Психолозите посочуваат родителите да се обидат да ги забележат следните знаци на депресија кај децата:

– Детето често е изиритирано;
– Се повлекува од активностите што инаку му се омилени;
– Апетитот и навиките за спиење се променети;
– Повторувачка главоболка и друга болка што е необична за вашето дете.

Тоа се знаци дека вашето дете се бори со стрес.

Разговарајте со вашето дете или тоа нека го направи друг член од семејството во кој имате доверба. Треба да му пристапите на детето во вистинско време и на соодветен начин. И запомнете, празниците треба да бидат време за семејство, забава и дружење.

Ако вашето дете се мачи со тоа, времето што ќе го издвоите за него во текот на годината може да му биде најдобар подарок.

Извор



912

X