Ако сте прво, па дури и единствено дете на вашите родители, или ако вие имате едно дете, сигурно сте запознаени со сите стереотипи поврзани со тоа.

Првородените деца генерално се сметаат за одговорни и од нив се очекува да станат успешни и лидери во својата област. Од друга страна, познато е дека единците се независни и доверливи. Но, со тие позитивни особини на личноста понекогаш доаѓа не толку корисната тенденција кон перфекционизам и товарот од високите очекувања.
Според новото истражување, токму овој перфекционизам и високите очекувања што им се наметнуваат на првородените се факторите кои можат да ги направат поподложни на анксиозност и депресија.

Што друго покажало истражувањето?

До 8-годишна возраст, првородените деца што имаат помали браќа и сестри имаат 48% поголема веројатност да бидат анксиозни и 35% поголема веројатност да имаат депресија, во споредба со нивните помали браќа и сестри. Сличен е процентот и за единците.

Синдром на најстарата сестра: балансирање помеѓу личната сила и притисокот

„Синдромот на најстарата сестра“ можеби не звучи како нешто реално, но е. Ова неклиничко име ја опишува тенденцијата на најстарата ќерка во семејството да развива лидерски вештини и да има силно чувство за одговорност. Од многу мали, тие често се чувствуваат задолжени да ја преземат улогата на старател, внимавајќи да ги исполнат очекувањата и во суштина преземајќи ја улогата на „трет родител“. И додека овие вештини ги прават сигурни лидери и добри модели, тие можат да бидат извор на голем стрес и чувство на прекумерна одговорност.

Овој притисок да се биде одговорен, секогаш на висина на задачата, успешен, пример за браќата и сестрите, може да биде огромен товар за најстарите деца, особено ако се девојчиња. Толку големо оптоварување, што дури станува и поттик за ментални здравствени проблеми.

Првородени деца единци: Разбирање на ризиците за менталното здравје

Неодамна беше објавена студија спроведена од „Епик рисрч“, која ги анализирала податоците собрани од дури 182.477 осумгодишни деца, со посебен фокус на нивниот редослед на раѓање во семејството. Забележано е дека првородените деца и децата единци имаат значително поголеми шанси да имаат депресија и анксиозност.

Истражувачите ги зеле предвид и факторите како што се менталното здравје на родителите, социо-економскиот статус и демографските варијабли. На пример, првите искуства од родителството се инхерентно постресни затоа што родителите сè уште учат како да се движат во таа улога, па секој страв, несигурност и вознемиреност што ги имаат сигурно ќе има влијание врз детето. Со оглед на сето ова, истражувачите велат дека веруваат оти овие рани искуства за време на бременоста и во првите месеци по раѓањето може на некој начин да го обликуваат менталното здравје на детето.

Како да го поддржите вашето првородено дете

Намалете ги вашите очекувања. Прославете ги дури и малите достигнувања и не очекувајте секогаш совршенство. Научете дека е сосема во ред да се прават грешки и да се учи од нив. Не очекувајте вашите првородени деца секогаш да бидат пример за нивните помали браќа и сестри и не ставајте го тој товар врз нив. Понекогаш, колку повеќе пофалби слушаат за тоа колку се одговорни и непорочни, толку повеќе се чувствуваат должни да го оправдаат сето тоа. Пофалете ги, понекогаш, што се опуштени, безгрижни и што грешките не ги гледаат како пораз, туку го прифаќаат поразот како лекција. Дури и да не е така. Затоа што децата стануваат она што го слушаат за себе од оние на кои им веруваат.

Автор: Александра Цвјетиќ

Извор



912

X