Емилин Џил е студентка на Универзитетот „Јута Валеј“ и е мајка на седуммесечно девојче. За „Хелти холистик ливинг“ напишала зошто сака да биде строга мајка и како планира да ја воспитува својата ќерка.

– Имам само седум месеци искуство како мајка и сфаќам дека тоа всушност е многу краток период за да се соберат потребните знаења. Доаѓа време кога ќе треба на моето дете да му помогнам да се одвикне од пелени, потоа во училишните неволји, а потоа пубертетот – а уште нема ни заби! Но, како што поминува времето, а јас се подготвувам за она што доаѓа, размислувам и прилично сум сигурна дека ќе станам стога мајка.

Што значи да се биде строга мајка

Не морате да повикувате социјална служба, само сослушајте ме“, вели Емилин, „За мене, да се биде строга мајка значи да ѝ покажам на мојата ќерка и цврста љубов. Тоа значи да се биде нежна, но строга. Тоа значи да се биде паметна. Тоа значи да се биде цврста и фер. Тоа значи да ја научам мојата ќерка која е разликата помеѓу правилното и погрешното. Тоа значи да направам сè што е во моја моќ за да ја подготвам ќерка ми за реалноста на животот.

Среќна сум што мојата сопствена мајка е толку одличен пример за мајчинство. Сега сум благодарна за сето она што ме научи во текот на годините, иако во тој момент мислев дека таа е најстрогата мајка во универзумот. Токму таква мајка сакам да бидам.

Еве го мојот, секојдневен распоред како планирам да ја воспитувам мојата ќерка: Планирам да ѝ зборувам дека треба да ги собере играчките кога ќе заврши со играње. Штом ќе биде доволно возрасна, ќе ѝ дадам задача да помага во домот. Ќе ја научам да готви, па одвреме-навреме таа да направи оброци за семејството. Ќе ѝ речам да оди во природа наместо да гледа телевизија. Ќе ја научам да не бара работи кога сме во продавница и дека нема да ѝ го купам сето она што ќе го посака. Ќе ѝ речам – не. Веројатно многу пати. Нема да ѝ дозволам да ги јаде оброците надвор од масата. На спиење ќе оди рано. Ќе ѝ ги објаснам родителските правила многу јасно и ќе ја казнам ако ги прекрши. Нема да ѝ го давам она што го сака кога ќе заплаче. Нема да ѝ дозволам да се извлече со одолжување. Ќе ја одведам на тренинг (пијано, танц, фудбал, што и да избере), дури и кога нема да сака да оди. Нема да ѝ дадам да изеде цела чинија слатки. Ќе ја натерам да носи кацига дури и ако ја мрази. Ќе го сопрам автомобилот ако сигурносниот појас не ѝ е врзан. Ќе ја натерам да рече – добра ноќ, дури и ако е лута.

Ризикот од „строга мајка“

Сега, кога сето ова го кажав, сосема сум свесна дека мојата листа одвреме-навреме ќе се менува. Едно е да кажам каква мајка ќе бидам, а сосема друго е тоа и да станам, но тоа е во ред. Како што ќе расте мојата ќерка, јас подобро ќе сфаќам што е и што значи да се биде мајка, ќе учам од своите грешки и ќе работам на промени. И сфаќам дека овој распоред може да не ме прави забавна или кул мајка. Мојата ќерка веројатно ќе ми се лути еднаш или двапати или многу пати. Можеби нема да ја донесам одлуката за која таа мисли дека е правилна или која ќе ја сака, но ќе ја сакам неа најмногу на свет и ќе и го кажувам тоа секој ден. Јас ќе се грижам за неа и ќе бидам тука без разлика што ќе се случува. Ќе дадам сè од себе да ја научам како да го живее животот на најдобар можен начин. Ако тоа ме прави строга мајка, тогаш тоа е мајката каква што сакам да бидам“.

Автор: Бланка Брезиншчак



912

X