Замислете се себеси како возрасно лице кое без своја желба е разделено од некој што го сака. Одземена ви е можноста на кој било начин да комуницирате со тоа лице, да се видите или да разговарате, без присуство на некој што ќе го надгледува секој ваш збор или гест, прегратка или насмевка.
Понатаму, замислете дека живеете со луѓе кои исто така ги сакате и им верувате и дека тие вам секојдневно ви велат дека тоа лице што вие го сакате – е лоша личност. Дека секоја негова постапка всушност била лоша и опасна за вас, дека не сте разбрале добро што ви се случува и дека тоа лице, на крајот на краиштата, воопшто не ве сака и ве напуштило. Понатаму, замислете дека тие луѓе со кои живеете ви велат дека ќе се разболат или ќе умрат ако вие само се обидете да ја побарате таа, за вас, драга личност, а камоли да се обидете да ја видите или да ѝ се вратите. Дека ако продолжите да ја сакате таа личност, ќе ги предадете нив и тие ќе умрат од тага. И дури, дека таа личност што ја сакате ги повредувала тие луѓе со кои сега живеете и дека вие сте всушност единствените што можете да ги заштитите и да направите тие да бидат среќни – така што никогаш повеќе нема да ја гледате личноста која ја сакате, дури нема ни да прашате, ниту да мислите на неа.
И замислете, живеејќи така со денови, месеци и години, никогаш веќе да не слушнете или видите некој кој исто така ја сакал личноста што вие ја сакате, ниту никогаш да не слушнете нешто добро за неа. Замислете сите кои понатаму ќе ги запознавате во животот, или да не ја познаваат личноста која ја сакате или зборуваат и мислат за неа како за некое големо зло кое некогаш било дел од вашиот живот. И на крајот, замислете да немате никој, баш никој на светот, на кого ќе му кажете колку ви е тешко бидејќи сте ја сакале таа личност и сте збунети и исплашени. И бидејќи ве учат да мразите некого, а знаете длабоко во себе дека нема ниту една причина за таа омраза.

А сега замислете ова да го доживува дете.
Отуѓување на детето – одземање на љубовта од другиот родител
Во отуѓувањето, ова го прави отуѓувачот на своето дете. И тоа може да му го прави единствено ако не е свесен за болката и несреќата што му ги предизвикува на своето дете или ако болката за детето за него е мала цена во борбата против дргиот родител. Што и да е случајот, насилство е насилство и тоа над најранливата личност – детето. А лицето кое му е одземено на детето е другиот родител и таа љубов, која сосила му е скратена, ќе остави празнина која детето како возрасно лице ќе ја носи во текот на целиот свој живот. А сега размислете дали сте на овој пат со насилство кон своето дете. Ако сте – вратете се, веднаш – единствено така ќе бидете родител, а не насилник.
Автор: Ана Рајковиќ – психолог и психотерапевт