Сте го однеле ли вашето дете на театар? Нема сомневање дека тоа може да биде магично искуство за паметење, но според експертите, носењето на децата во театар и гледањето претстава во живо има и други придобивки за нивниот развој, на пример, подобрена емоционална интелигенција и моќ за дискутирање на тешки теми.

Додајте ги и забавата и поврзувањето меѓу децата и родителите кога гледаат изведба во живо, без разлика дали е драма или мјузикл, па јасно е дека тоа одење во театар ќе биде одлична заедничка, семејна активност. Ново истражување покажува дека речиси третина (30%) од родителите велат дека нивните деца никогаш не биле во театар. Во меѓувреме, од 70% од родителите чии деца гледале претстави, 90% рекле дека нивните деца се возбудени кога одат на такво нешто, а 19% велат дека зборуваат за изведбата неколку месеци потоа, откако ќе ја изгледаат (некогаш и со години).

Истражувањето од „Енкор тикетс“, исто така, открива дека 46% од родителите уживаат да одат на театар со своите деца бидејќи веруваат дека тоа е добро за нивниот развој, а две третини велат дека уживаат бидејќи тоа е семејно искуство кое може да го споделат и кое ќе им донесе среќни спомени. Експертите се согласни. Одењето на театар може да им помогне на децата подобро да ги разберат емоциите, според развојниот психолог д-р Наташа Киркхам од Универзитетот „Бирбек“ во Лондон.

Кирка,, која е истражувач во Центарот за мозок и когнитивен развој во „Бирбек“, исто така кажува дека постои јасен доказ оти одењето на театарски претстави, може да помогне во подобрувањето на социјалната поврзаност и да игра корисна улога во развојот на емоционалната интелигенција кај децата.

Еве што предизвикува одењето на театар за децата:

Помага за зајакнување на семејните врски

Истражување од Универзитетот „Колеџ Лондон“ покажува дека на оние што одат на театар заедно им се синхронизираат отчукувањата на срцето, па тоа доведува до блиска поврзаност и социјална конекција. Киркхам објаснува: „Кога луѓето се однесуваат слично, тие се сметаат себеси за слични, што доведува до чувство на конекција и приврзаност. Одењето во театар со семејството и пријателите нуди потенцијал за промовирање на врските, како додаток на веќе познатите придобивки од поминувањето заедничко време како семејство“.

Ова има јасни импликации за детскиот развој, додава таа, со оглед на тоа дека детството е клучно време за формирање социјални групи и поврзување. Таа потенцира дека развојните психолози знаат дека изведбата и глумењето се фундаментален дел од развојот, дозволувајќи им на децата да се вклучат во различни карактери, ликови, да се справуваат со сложени социјални врски и да управуваат со емоционалниот стрес.

„Возбудливо е да се земе предвид дека одењето во театар може да ги понуди истите придобивки“, вели Кирхкам.

Помага за подобрување на емоционалната интелигенција

Наративот во претставите може да ги доведе во живот најдраматичните, вознемирувачки проблеми што ги доживуваат луѓето. Теми како, на пример, љубов и пријателство, насилство и смрт на некој близок се вклучени во театарските продукции, а во сето тоа се вклучени и емоциите, па често и последиците. Преку сведочење на некои вакви теми, но во забавна и безбедна средина каква што е театарот, децата може да дојдат во допир со непознати емоции, а сето тоа е дури и поефективно од читањето приказни.

Студија од Универзитетот во Арканзас открива дека кога децата од основно образование ја гледале претставата „Хамлет“, се здобиле со поголемо знаење за приказната и речникот во претставата, како и толеранцијата, а и ја подобриле способноста да ги читаат емоциите на другите. Истражувачите, предводени од Џеј Грин, професор по едукативна реформа, заклучуваат: „Гледањето претстави е ефективен начин да се научи содржина. Се зголемува толеранцијата на учениците преку обезбедување изложеност на поголем, поразличен свет и се подобрува способноста на учениците да препознаат што  мислат и чувствуваат другите луѓе. Ова се значајни придобивки“.

Се отвораат дискусии за тешки, но важни теми

Истражувањето на „Енкор тикетс“ покажало дека следењето театарска претстава во живо може да има долготраен впечаток врз децата бидејќи тие често со месеци зборуваат, а некогаш и со години за она што го гледале. Кирхкам вели дека ова го покажува влијанието што може да го има изведбата врз децата, и како, преку нивно изложување на многу нешта, театарот може да помогне за отворање дискусии за теми кои можеби се чувствителни. Кирхкам додава дека откако децата, родителите и наставниците погледнале претстава во која се дискутира за врсничко насилство, таа спровела работилници и групни интервјуа за таа тема во основните училишта во 10 области од градови со висока стапка на криминал и насилство.

– Преку присуство на претстава која дискутира за ваквите проблеми децата, родителите и наставниците можеа да се вклучат во дијалог за празнината помеѓу она што децата го доживуваат и она што возрасните го гледаат. Ако се земе предвид баш сè, ова посочува дека постои евидентна придобивка за децата од следењето театарски претстави, особено за нивниот развој. Театарот може да го подобри социјалното поврзување, да дозволи емоциите да бидат истражувани во безбедна средина, како и да за разговара за важни проблеми – вели Кирхкам.

Извор



912

X