За некои мајки совршен одмор е кога заедно со своите деца ќе истражуваат, додека пак други мајки повеќе сакаат да патуваат со возрасни (другарки, пријателки).
„Добро утро, Америка“ неодамна отвори дебата за пауза од мајчинството, разговарајќи со мајки што одат на одмор без своите деца и со оние што не можат да го замислат тоа. Рејчел Вилијамс Шо, мајка на три момчиња (сите под четири години), има отидено на три патувања со пријателки откако станала мајка. Таа раскажува дека кога се вратила од патувањата, се чувствувала одморено и била подготвена да ѝ се врати на дневната рутина во нејзиното семејство.
– Мислам дека патувањето без деца е многу важно за да се сетите која всушност сте биле пред да станете мајка. Бев авантурист, независен човек пред да ги имам моите деца и мислам дека ми е потребно такво време за да се потсетам дека јас сум старата јас, само со три деца – објасни таа.
Други мајки велат дека немаат потреба да патуваат без своите деца.

– Ја мразам помислата да истражувам нешто ново без да го споделам со моите деца – вели Часити Волтерс, која има 20-годишен син и 5-неделно бебе. Сакам да имаат што е можно повеќе искуства. Сè во мојот живот е подобро со нив.

Превенција од родителско оптоварување

На некои мајки им треба одмор и никој не треба да се срами што патува без своите деца и ги остава дома со другиот родител, баба, дедо. Можеби тоа му е потребно на родителот за да спречи „родителско оптоварување“.
Една студија објавена во „Фронтиерс ин психолоџи“ покажа дека 12,9% од мајките имале искуство на „високо оптоварување“, а друга студија објавена во „Чалд абјус анд неглект“ посочи дека „родителското оптоварување“ статистички има сличен ефект како и работното оптоварување.

Пауза од мајчинството

За многу мајки, резервирањето соло-патување или летање со неколку пријателки не е опција. Одморите се меѓу првите работи што се елиминираат кога буџетот се намалува. За самохраните мајки, грижата за децата може да биде бариера при планирањето одмор без нив. Не ни е потребно да резервираме авионски билет за да се одмориме од мајчинството. Одењето на кино или на вечера со пријателите (без деца) исто така може да ни помогне да се одмориме од мајчинството.

Не треба да се откажете од семејните одмори

Без разлика дали планирате мал одмор сами или со пријатели, не значи дека не можете да доживеете одмор со вашите деца. Многу е важно да се има заедничко искуство. Според една студија од Универзитетот во Торонто, семејните одмори ги зајакнуваат нашите емотивни врски, а британска анкета покажа дека речиси половина од возрасните анкетирани изјавиле дека нивните најомилени спомени од детството се семејните одмори.

Земањето пауза од мајчинството може да ѝ помогне на мајката да ги наполни батериите. Нејзиниот сопруг и децата може да согледаат што сè таа прави и остварува секојдневно. Од особена важност е децата да ја видат таа рамнотежа. Ова може да им помогне на децата да имаат уште поголема почит кон своите мајки – вели психологот д-р Нава Р. Силтон.

Кога Џенифер Батчелор, писател и мајка, замина на Хаваи без своите деца, уживаше во секоја секунда од нејзината слобода, но кога се врати дома и ги виде своите деца, за неа тоа беше уште подобро. – Да, убаво беше да се одморам, но поубаво е кога се враќам дома – изјави таа.

 



912

X