„Твоето дете е вистински ангел, во што е тајната?“, ви вели пријателката. Немавте ни време да ја избришете солзата што произлегува од гордоста, а детето веќе прави хаос низ дома. Сигурно сте се запрашале зошто вашето учтиво дете се однесува така кога сте вие во негова близина. Еве некои од можните причини:
Го копира вашето однесување
Родителите често ги обвинуваат своите деца за лошото однесување, но и често ги игнорираат сопствените лоши навики. Потсетете се како и вие сте само љубезни и фини кога станува збор за странци, бидејќи не сакате да влегувате во бесмислени кавги. Но, штом се вратите дома, го истурате бесот на најблиските. Па, децата го копираат вашето однесување без разлика дали е добро или лошо. Повеќето од нас вината ја префрлаат на своите деца, бидејќи во спротивно тие би ги откриле нашите недостатоци кои треба да ги исправиме и не сакаме да се соочиме со вистината.
Им недостига родителска љубов
Детето веројатно се обидува да допре до родителите, но тие (можеби несвесно) го игнорираат. Со други зборови, лошото однесување им го привлекува вниманието на родителите.
Се чувствува безбедно во друштво на родителите
Детето се однесува поинаку кога е со родителите бидејќи не мора да се преправа дека е некој што не е. Тоа се чувствува доволно безбедно за да ги симне сите свои социјални маски и да биде свое. Детето ви верува и може да ги покаже своите слабости и емоции пред вас. Лошото однесување е само начин за психичко чистење на насобраниот стрес. Децата мора да се однесуваат учтиво кога се во јавност и кога конечно ќе се чувствуваат безбедно со родителите, покажуваат сѐ што им пречи.
Детето ве доживува како собирач на неговите емоции
Сите ние сме емотивни контејнери, едни за други. Честопати им помагаме на другите да се справат со нивните негативни чувства со сочувствување или кажување зборови што другата страна сака или треба да ги слушне. Со оглед на тоа што вашето дете има најсилна врска со вас, логично е да ве гледа како свој „емоционален контејнер“.

Детето ги доживува родителите како недоследни
Многу родители носат недоследни одлуки кои често се контрадикторни. На пример, ја ограничувате слободата на детето, но барате од него да биде независно. Се заканувате дека нема да го земете со себе, но подоцна попуштате и ги погазувате сопствените зборови. Родителството без поставени граници го ограничува развојот на вашето дете, а да не споменуваме и дека е збунувачко. Ако му дозволите на вашето дете да се однесува лошо, тоа сигурно ќе го искористи тој момент.
Автор: Ема Јуриќ