Склони сме да ги осудуваме родителите поради нивниот начин на воспитување

Денес, кога многу повеќе се работи со децата, се доаѓа до заклучок дека нема лоши деца, туку дека секое дете бара индивидуален пристап и многу работа. Но, кога ќе видите дете како во парк гаѓа гулаби со камен или со своето однесување на сите им оди на нерви, повеќето ќе го наречат „лошо дете“, а за однесувањето ќе ги обвинат родителите. Ќе се прашате зошто тој некој не го доведе своето дете во ред или ќе си помислите какви може да се родителите ако детето така се однесува.

Но, вашите претпоставки не мора секогаш да бидат точни. Зошто?

Не знаете низ што поминало детето

Детето можело да има различни трауматични искуства во животот – можеби изгубило сакана личност, не го преболело разводот на родителите, можеби имало сообраќајна несреќа што оставила последици, многубројни операции или доживеало некој друг вид шок. Тешките искуства можат многу да влијаат врз детскиот развој, а на некој однадвор може да им изгледаат како обично пркосење или слабо воспитување.

Не знаете низ што поминале родителите

И родителите, за жал, своите трауми им ги пренесуваат на децата. Можеби изгубиле едно дете. Или во детството биле жртви на психичко или физичко насилство, па не знаат како да му пристапат на детето и здраво да го воспитаат. Тука се и други стресни искуства – на пример, самохрана мајка може да нема доволно време за квалитетно да му се посвети на детето, што со себе носи низа предизвици. Тука се и тешките финансиски ситуации – родители кои се борат за да ги прехранат децата и да платат сметки, па неретко едвај се борат со сопствените проблеми и така ги занемаруваат најважните – проблемите на детето.

Генетиката игра улога

Иако можеби околината е пресуден фактор во воспитувањето на детето, и генетиката не е за занемарување. Научниците откриле дека „некои лоши“ однесувања, како проблеми со бес или недостиг на самоконтрола, можат да ги наследат од родителите. Се разбира, детето и со самото раѓање добива свој единствен темперамент, па некои деца на почетокот се помирни, додека други се побучни и наметливи.

Детето може да има психички тешкотии

Понекогаш агресивното однесување произлегува од проблемот со менталното здравје или нарушувања во однесувањето како што се опсесивно-компулсивно нарушување и слично. Но, до проблем во однесувањето може да доведат и депресијата, анксиозноста, чувството на помала вредност.

Детето може да доцни во развојот

Тоа што детето има 10 години, не значи дека така и ќе се однесува. Многу деца се однесуваат незрело за својата возраст и тоа поради доцнење во развојот. Задоцнувањето на говорот, когнитивните проблеми или оние сензорните нема да ги уочите со самото тоа што ќе зјапате во нечие дете. Па така, ако видите дете од 10 години како плаче бидејќи некој му го зел автомобилчето, не значи дека е разгалено или дека родителите не знаат да му постават правила. Неговиот ум можеби едноставно не е толку развиен за да управува со своето однесување.

Секое семејство има свои правила

Тоа што вие мислите дека некое дете е „немирно“ не значи дека сите го делат вашиот став. Родителите на немирното дете може да мислат дека вие сте премногу строги, а вашето дете премногу резервирано и тоа во нивните очи изгледа како проблем. Секое семејство има различни правила и различен праг на толеранција. Така, ако вам однесувањето на некое дете ви е иритирачко или наметливо, некој можеби го смета за забавно. Имајте на ум дека не се само вашите вредности и очекувања правилни.

Родителите веќе не знаат што да направат

Можеби веќе се обиделе со сè, воспитувачки методи, наградување, казни, терапија со игра, многубројни активности и експерти, но без успех. Така што, родителите едноставно повеќе не знаат како да се постават, а веќе се на крај со силите. Се разбира, ќе речете, ако моето дете може… но не значи дека може и туѓото. Вашето дете можеби ќе ја сфати последицата од своето дејствување ако му одземете некоја привилегија, но друго дете нема еднакво да реагира. Исто така, она на што вие сведочите како на нешто „ужасно“ можеби за детето е неговото „поправено“ однесување. Не знаете како се однесувало претходно. На пример, родителите успеале да ја решат агресијата, а веќе не реагираат на цимолење, завивање и слично.

Родителите веќе се навикнале на осуда

Ако имаат дете кое со себе носи многу предизвици, родителите веќе се навикнале на погледите и коментарите од околината. А тоа никогаш не е конструктивно. Понекогаш родителите чувствуваат срам поради лошото однесување на своите деца. Загрижени се како другите ги гледаат и се чувствуваат празно како родители. Не е секогаш лесно да се присуствува на општествените случувања со „немирно“ дете, но понекогаш тоа едноставно е невозможно да се избегне.

Родителите постапуваат најдобро што знаат

Не се сите извонредни во родителството, но повеќето родители постапуваат најдобро што можат. Додека некои имаат пари да купат сè и сешто и доволно слободно време, други можеби се борат и со едното и со другото. Некои работи што се внатре во семејството, нема секогаш да ги видите однадвор, но тоа не значи дека не постои подлабок проблем.

Автор: Сања Бубало



912

X