Во изминатите 30 години семејните вредности се променија: младите не сакаат да стапат во брак или да имаат деца, а има сѐ повеќе луѓе што сакаат да живеат сами – еве кои фактори доведоа до промени во семејството:
Колку се пообразовани луѓето, толку е помал наталитетот
Луѓето почнуваат да размислуваат за своето прво дете многу подоцна отколку нивните предци. Оваа тенденција е најизразена во развиените земји – просечната возраст кога жените одлучуваат да станат мајки е помеѓу 30 и 34 години. Двојно е зголемен бројот на жени што не станале мајки на возраст од 40 до 44 години, како и бројот на луѓе што одлучиле воопшто да немаат деца. Во земјите во развој, стапката на наталитет е намалена – во 60-тите години просечна жена раѓала околу шест деца, сега околу четири, а во некои региони не повеќе од две.
Застарен работен систем
Од година на година, сѐ повеќе компании сфаќаат дека вработените не можат да бидат продуктивни осум часа, пет дена во неделата. Затоа, работодавците експериментираат со деловните распореди. Еден од нив е четиричасовна недела со само пет работни часа дневно. Сепак, и покрај технолошкиот напредок и изгледите да поминуваат помалку време на работа, луѓето работат повеќе отколку што е „пропишано“ – 73 проценти работат повеќе од 40 часа неделно и 25 проценти повеќе од 50 часа. Во многу земји „воркохолизмот“ е нормална појава, што, се разбира, не е позитивен фактор кога станува збор за основање семејство и раѓање деца.
Низок приход
И покрај фактот дека повеќето луѓе работат повеќе од нормално, нивоата на приходи значително се намалија во текот на изминатите 30 години. Милениумците или генерацијата Y се првата генерација со добро образование и најниско ниво на приходи. Од моментот кога факултетската диплома престана да биде реткост, а барањата на работодавецот станаа построги, наоѓањето добра работа и воопшто работа стана вистински предизвик и постојан извор на стрес. Оваа економска ситуација го наметнува прашањето – семејство или кариера? Во современиот свет стана речиси невозможно да се имаат и двете.
Желбата да се проба сѐ
Порано помладите генерации се угледуваа на постарите и сакаа да учат од нивните искуства, но сега ситуацијата е обратна: 30-годишниците го следат она што го прават 20-годишниците и сакаат да го прават истото. Независниот живот стана поедноставен и попрофитабилен, а има повеќе можности да се снајдете во светот и да гледате само на сопствените интереси. Американските социјални научници спровеле студија која покажала дека мажите не се подготвени да имаат дете доколку тоа предизвика проблем за нивното хоби или интереси или ако мораат да ја жртвуваат можноста за патување. Жените имаат слично гледиште, но се трудат да не им кажуваат на мажите затоа што се плашат од јавна осуда.
Високи очекувања од партнерот
Не одбираат сите да бидат сами затоа што така сакаат, туку често затоа што не можат да најдат идеален партнер. Според студијата, 85 отсто од самците на возраст од 18 до 34 години сакале семејство во одреден момент, но не сакаат да стапат во брак само затоа што тоа им го диктира општеството. Дури и пред да го најдат својот идеален партнер, на овие луѓе им е добро да бидат сингл наместо во врска додека не најдат подобра опција. За оние што се веќе во врска, потребно е многу подолго да одлучат дали сакаат да се венчаат – во просек им се потребни речиси пет години, што е уште една причина поради која доцна стапуваат во брак, а уште подоцна имаат деца.

Статистика за разводи
Во многу земји повеќе од 50 проценти од браковите завршуваат со развод – луѓето го одложуваат раѓањето деца затоа што не се сигурни дека можат цел живот да го поминат со партнерот. И ова е една од причините зошто модерните семејства се толку кревки – во минатото луѓето мораа да имаат многу сериозни причини за развод, а денес ситуацијата е поинаква.
Постојат голем број различни типови односи
Луѓето имаат многу алтернативи слични на бракот – на пример отворена врска. Апликациите како „Тиндер“ ја поедноставија потрагата по партнер, но и покрај овие погодности и слобода, квалитетот на врските опадна – луѓето брзо се загреваат едни за други, но и брзо се заситуваат.
Редефинирање на зрелоста
Во минатото бракот се сметал за прв чекор во полнолетството. Сега тоа е последниот чекор. Луѓето поминуваат многу време разгледувајќи ги добрите и лошите страни и сакаат да бидат целосно подготвени пред да станат родители. Малкумина се подготвени да имаат деца во изнајмен стан. Младите се обидуваат да ја платат својата хипотека пред да имаат дете, штедат пари за дадилки, дневен престој, училишта, факултети и сите други можни трошоци. Обично, кога веќе се подготвени да платат за сето тоа, ја поминале средната возраст и се прашуваат дали е предоцна за дете.
Неактивен родителски инстинкт
Врз наталитетот не влијае само моменталната економска ситуација, туку и искуството од минатото. На пример, младите Американци добро се сеќаваат колку им било тешко на нивните родители да ги воспитаат. Не го сакаат истото искуство, што ги спречува да имаат свои деца.
Немање поддршка
Младите луѓе генерално сакаат да живеат одвоено од постарите, а бабите и дедовците сакаат да живеат свој живот и да ги гледаат своите внуци само на празници. Во семејствата каде што работат двајцата родители, тоа може да биде проблем – тие мора да бараат дадилка, за која се потребни дополнителни трошоци и доверба дека можете да го оставите вашето дете со неа. Освен тоа, семејните врски веќе не се толку силни, па никој не може да биде сигурен дека некој од партнерите нема да го напушти семејството.
Автор: Анамарија Дукши