Ако сте мајка и сте се запрашале дали е навистина добра идејата да ги вакцинирате вашите деца откако ќе прелистувате низ социјалната мрежа „Инстаграм“, тоа би можело да биде благодарение на заедничките напори на влијателните инфлуенсери против вакцините, според една нова студија.

Истражувањето, кое било објавено во јануари 2022 година во списанието „Информации, комуникација и општество“, разгледува како се шират чувствата против вакцините на „Инстаграм“ и откри дека влијателните инфлуенсери што се против вакцините методично ги таргетираат мајките. Тие го прават тоа, се вели во студијата, со тоа што внимателно ја пакуваат својата порака со теми кои се привлечни конкретно за новите мајки: да бидат заштитнички настроени кон децата, да не дозволуваат штетни хемикалии во нивните тела и да бидат во согласност со нивните потреби.

„Постои претпоставка дека мајките се клучни играчи [во дезинформациите за вакцините]“, вели Стефани Бејкер, водечки истражувач на студијата и виш предавач по социологија на Универзитетот во Лондон. Но, студијата покажала дека мајките всушност се „стратешки насочени како група од клучните играчи. И ова го комплицира клишето“.
Студијата ги анализирала објавите направени од тринаесет антиваксери инфлуенсери на „Инстаграм“. Дванаесет од нив биле влијателни лица кои другите истражувачи од областа ги нарекле „дезинформација на дузина“, бидејќи било откриено дека тие се одговорни за две третини од сите дезинформации на социјалните медиуми за време на пандемијата на ковид-19. Тие, исто така, ги разгледаа објавите на Ендрју Вејкфилд, дискредитираниот академик кој прв ја обвини сега отфрлената врска помеѓу вакцините и аутизмот.

Студијата открила три главни идентитети на мајки преку кои ширеле дезинформации за вакцините:

Интуитивна мајка

Објавите кои кажуваат работи како: „Моето тело е бескрајно помудро отколку што ме наведоа да верувам“ или „Мајчинската интуиција е сила на природата“ го идеализираат концептот на мајчинската интуиција, охрабрувајќи ги мајките да мислат дека е супериорна во однос на студеното, институционално познавање на лекарите. Хаштазите како „#TrustTheMoms“, „#MotherKnowsBest“ и „#MothersIntuition“, исто така, ја поддржуваат оваа идеја за природно интуитивна мајка која е попаметна од науката.

И иако многу влијателни лица, како што е Вејкфилд, очигледно не се мајки, тие сепак се придржуваат кон оваа идеја, позиционирајќи се како гласови против естаблишментот и застапници за мајчинска интуиција. Идејата дека родителите треба сами да донесуваат медицински одлуки и дека секое чувство на непријатност треба да го стават над доказите е „особено сурова“, вели Бејкер. „Повеќето од нас, кои сме родители, се чувствуваат несигурни, одвреме-навреме, и потребно е толку малку да се поттикне сомнеж во нечиј ум“.

Заштитничка мајка

Оние што шират дезинформации често се потпираат на заговор за да ги направат нивните поенти да изгледаат веродостојни, па во свет каде што лекарите и владите се „злобни“, зарем „добрата мајка“ не сака да ги заштити своите деца? Особено од токсините и хемикалиите во секојдневните производи – и вакцините? Објавите што ја промовираат оваа идеја ги поврзуваат дезинформациите за вакцините со идеи како хранење деца со органска, не-ГМО храна или други тврдења како што се – маските за лице што им „штетат“ на децата. Ваквите објави, исто така, влечат најмногу на картата емоции, користејќи техники од слики на бебиња до натписи во кои се бара од родителите да ги заштитат, до писма и видеа, наводно од мајки, напишани до други мајки, во кои се опишува како тие сакаат нивните деца да не се вакцинираат.

„Тоа беше навистина начин на постигнување интимност“, вели Бејкер. „Можам само да го замислам влијанието на дезинформациите врз некоја личност која е бремена првпат и е многу ранлива“.

Грижлива мајка

Во објавите од ваквата мајка, чувството против вакцините често се крие меѓу објавите за тоа дека таа е приспособлива, грижлива, забавна – и често побожна – односно мајка која живее аспиративен начин на живот без вакцини. „Често беше многу тешко да се идентификуваат пораките како пораки против вакцините“, објаснува Бејкер. Најистакнати се Тај и Шарлин Болингер, кои промовираат алтернативни медицински третмани за рак и се против вакцините и продаваат книги, видеа и додатоци во исхраната од тие идеи. Тие прават нешто што изгледа како лични објави за родителството, но всушност ги рекламираат своите документарни филмови, вклучително и „Вистината за вакцините“, кои потоа се вкрстено промовирани од други влијателни лица. Бејкер истакнува дека многу малку од овие објави се однесуваат на односот на Тај со неговите деца – наместо тоа, сè било насочено кон Шарлин и колку добра мајка била таа.

Антиваксерите инфлуенсери, исто така, се поддржуваат едни со други, споредувајќи ја содржината против вакцините со филијалната маркетинг-шема. Тие меѓусебно ја промовираат содржината, зборуваат на панелите и користат хаштази. Родителите кои се претпазливи за вакцините ги сметаме како неутрални субјекти кои „направиле сопствено истражување“ и донеле свои одлуки – но во некои случаи тие може да бидат жртви на маркетинг-цели против вакцини, кои заработуваат пари поради тоа што луѓето го менуваат своето мислење преку промовирање начин на живот кој ги продава и (бесплатните) мејнстрим здравствени опции како небезбедни, а и нивните сопствени (скапи) алтернативни здравствени производи, онлајн курсеви како замена за нив.

Па, како да се осигурите дека не сте жртва на дезинформации? Забележете ги вашите извори на информации кога сте онлајн и направете ваше истражување за нивниот кредибилитет. И ако се двоумите околу вакцинирањето на вашите деца, контактирајте го вашиот лекар за одговори на вашите прашања, за понепристрасен извор на информации.

Автор: Ванеса Милне

Извор



912

X