Тоа што сте мајка ви дава натчовечка моќ да се борите против бактериите бидејќи мајките се едни од „најздравите“ луѓе. Зошто? Преку своите деца тие постојано се изложени на вируси и настинки.

Д-р Вилијам Шафнер, професор по медицина на одделот за заразни болести на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Вандербилт“, вели дека телото учи да се брани по толку многу средби со различни бактерии. Откако имунолошкиот систем ќе препознае кој вирус е во системот, може да премине во режим на борба, пред мајката воопшто да знае дека можеби е болна.

Шелдон Коен и неговите колеги од Универзитетот „Карнеги Мелон“ во Питсбург, Пенсилванија, ги испитувале луѓето за време на три студии, во кои истражувачите го ставиле или вирусот на грип или обичната настинка во носот на луѓето. Половина биле родители, а половина не. Студијата покажала дека родителите имаат 48% помала веројатност да развијат инфекција отколку луѓето без деца.

Градењето имунитет би можело да објасни зошто мајката никогаш не се разболува, а остатокот од семејството го зафаќа секоја болест. Но, може да биде причина и тоа што мајките имаат многу поздрави навики и дисциплина, што следствено ги штити од инфекции.

Позитивни односи, а не позитивни тестови

Луѓето кои се повеќе социјално поврзани во смисла на блиските односи имаат помалку настинки, вели д-р Џон Темте, лекар по семејна медицина од Универзитетот во Висконсин и претседател на Советодавниот одбор при Центарот за контрола и превенција на болести, САД. Не постои прецизна причина зошто, но можно е тоа да е затоа што тие се ментално поздрави и посилни.

Вистината за имунитетот

Научниците навистина немаат поим зошто некои луѓе се разболуваат помалку од другите. Тоа е нешто што тие го истражуваат долги години, но допрва треба да дојдат до вистински докази како одговор. Даниел Дејвис, професор по имунологија на Универзитетот во Манчестер, објаснува дека некои луѓе наследуваат сет на гени на имунолошкиот систем кои се особено добри во справувањето со еден одреден вирус. Сепак, тоа не значи дека некој има подобар или полош имунолошки систем.

Автор: Јасна Дреновац

Извор



912

X