Игротека

Зошто мајките често се лутат?

Колку пати дневно наидувате на чевли кои некој од домашните ги оставил во ходникот, а на кои се сопнувате секогаш кога ја носите корпата полна со алишта од машината за перење?

Колку пати наоѓате чинии оставени во кујната? Или, домашната задача е заборавена на бирото, иако децата веќе отишле на училиште? Секако сте лути, но се трудите да останете смирени. И тогаш започнува подготовката на вечера за која однапред знаете дека ќе има протести. И тука почнува експлозијата – вашите чувства и емоции кои ги чувате во себе цел ден!

Одговорот лежи токму во овие мали престапи кои се таложат во текот на денот и изгледаат како лични напади или дури и навреди за сѐ што прави мајката, а никој не го цени.

Зошто мајките се толку лути?

Па, еве го одговорот: таа емоција доаѓа од повреденоста. Дали знаевте дека гневот е всушност знак за нешто друго? Гневот речиси никогаш не е примарна емоција, но има чувства како занемарување, беспомошност или инфериорност во заднина. Дали тоа има смисла кога се во прашање мајките? Да, токму затоа што мајките често се чувствуваат запоставени, неважни, а понекогаш и невидливи, без разлика колку и што прават за другите.

За ова отворено и искрено проговори Карен Џонсон, мајка на две деца.

– Секојдневно се трудам да ја одржувам куќата уредна, да готвам здрави оброци, да ги перам, сушам, за наутро сите да бидат средени и уредни за работниот ден. Го чистам тоалетот, ги диплам ќебињата и ги метам теписите. Ги потсетувам да напишат домашна задача, да се истушираат и да делат сè со својот брат или сестра. И тогаш кога луѓето што ги сакам, луѓето за кои го правам сето ова, влегуваат во куќата и ги фрлаат своите работи наоколу и не ставаат ништо на место или излегуваат од кујната оставајќи хаос што јас треба да го исчистам, откако сум ја потрошила енергијата приготвувајќи оброк што не им се допаднал, или оставиле куп валкани алишта и бонбони низ собата, секако дека сум лута. Но, вистината е дека чувствувам и многу други работи.

Карен признава дека избегнува пасивна агресија и не очекува членовите на семејството да ѝ ги читаат мислите.

– Никој не заслужува да живее во куќа полна со гнев – ниту тие ниту јас. Кога чувствувам дека ми надоаѓа лутината, се обидувам да ја решам причината. Затоа што ако не го сторам тоа и гневот ми се „качи низ телото“, дури и да ми допре до рамо, чувствувам како ми се грчи вилицата, но тогаш е предоцна – вели таа.

– Тогаш морам да разговарам со себе. Некогаш ништо не може да се направи – има моменти во животот кога сопругот е преоптоварен со работа или децата се болни, а мајката треба да го носи целиот товар на грб. Ова се моментите низ кои треба да поминете, моментите кога животот ви дава само лимон, но треба да се обидете да направите лимонада од него. Во тие моменти на лутина и бес, секогаш можам да прошетам или да одам во просторија каде што имам мир, да вдишам и издишам неколку пати и да размислам што всушност се случува. Морам да копам подлабоко од гневот, до коренот на проблемот: дали сум исцрпена? Дали сум преоптоварена со работа? Дали имам премногу обврски? Дали децата ги занемаруваат своите обврски?

Треба да откријам што навистина ме лути во тој момент и да најдам начин да се справам со тој гнев.

Сепак, Карен верува дека ова не е гарантиран успешен метод за спречување изливи на гнев.

– Мораме да признаеме и да прифатиме дека сите понекогаш имаме лоши денови и ќе ни биде простено. Но, ако забележите дека често сте фрустрирани, ако видите дека ги чувствувате гневот и бесот што врие во вас само затоа што сте нашле чорап на каучот или затоа што децата не ги ставиле садовите во машината за перење како што сте побарале од нив – може да помогне да се дистанцирате и да размислите што всушност се случува и која е вистинската причина за гневот и бесот.

Ако можете да ја процените причината за примарните емоции; можеби дека се чувствувате запоставени или невидливи, или дека ви треба одмор од сè – тогаш ќе најдете и зборови со кои ќе можете да комуницирате со вашето семејство и да им објасните како се чувствувате. Сигурни сме дека ако ситуацијата е обратна: вашиот сопруг или децата да се чувствуваат исцрпени, невидливи или преоптоварени со обврски, вие веднаш ќе скокнете и ќе се грижите за нив и ќе ги убедувате дека се ценети и вредни. Па што е тогаш со мајките? Зарем мајките не го заслужуваат истото?

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top