Воспитување

„Им дозволувам на децата да се облекуваат како што сакаат“

Амбер Левентри, мајка на три деца, петгодишни близнаци и седумгодишно девојче, во својата колумна за порталот „Scary Mommy” објаснува зошто им дозволува на своите деца сами да си ја изберат облеката и зошто смета дека е важен ваквиот начин на изразување.
Децата имаат големи мисли и уште поголеми емоции. Тие имаат и големи желби кои се ретко исполнети. Затоа бараат начин да најдат независност во свет што има толку правила. За моите деца да не станат мали „дивјаци“ кои времето за јадење и за спиење го претвораат во вистински пекол, се обидувам да поставам граница кога станува збор за користењето на екраните, јадењето десерти и рутината на спиење.
Но, постои една работа за која не се грижам, а тоа е како се облечени моите деца. Во нашиот дом облеката, обувките, модните додатоци се начинот преку кој моите деца се изразуваат. Облеката за во училиште и градинка ја избираат сами, иако понекогаш изгледаат како учесници во карневал, мило ми е што сами се облекуваат.
Мојата најстара ќерка имаше фаза на животински принт која траеше речиси две години. Облеката со принт од леопард или гепард беше стандард, а комбинацијата на повеќе животински принтови беше нејзиниот поим за висока мода. Исто така, таа сакаше да носи марами и очила. Но, знаете што? Не ми беше грижа. Имаше облека на себе и беше среќна.

Исто така, таа има голема имагинација. Кога имаше три години, нејзиниот воспитувач од градинка ми кажа дека навистина му се допаѓа нејзиното „гласно изразување“. Она што го облекува обично е во согласност со нејзиното расположение и со различни сценарија што ѝ се вртат во главата.
Кога откривме дека ќе имаме близнаци, нашите пријатели нè прашуваа дали ќе ги облекуваме слично. Прво, кој има време за тоа? За составување слатки комбинации од облека за децата да изгледаат како да се дел од некоја поп-група на „Дизни“? Не. Отсекогаш ги учев моите деца дека облеката ни служи за да го покриеме нашето тело, да нè заштити од студот или од жештината. Ниту едно парче облека, боја или стил не го дефинира нивниот пол. И нивниот пол не ја ограничува нивната облека.

 

 

View this post on Instagram

 

Halloween night at the ballpark. #parenting #lgbtq #heroes #lakemonsters #btv

A post shared by Amber Leventry (@amberleventry) on

Кога на мојот син му понудив спортски панталони, тој одби да ги носи. Не сакаше ниту фармерки ниту тренирки. Наместо да го присилам да го носи она што му го одбрав, го прашав што сака да носи? Ги најде од својата сестра црните хеланки и ми рече дека сака да изгледа како Бетмен. Кога сфатив дека е во суперхеројска фаза, му купив хеланки за секој ден во неделата. Беше воодушевен. И кога девојче од градинката му рече дека хеланките се за девојчиња, тој застана гордо и рече: – Хеланките се за суперхерои.
На моите деца им дозволувам да носат облека каква што сакаат сè додека нивните желби се во согласност со времето надвор. Нивниот избор на облека им дава слобода да се изразат креативно. Им дава самодоверба. И им дава чувство на контрола врз нивниот свет, што е доста ретко кога сте дете.
Понекогаш тоа се несоодветни животински принтови или каубојски чизми и шарени патики на уште пошарен фустан. А понекогаш изгледа како едно мало момче што само сака да биде Бетмен

Поврзани написи

To top