Често децата играат така што се преправаат дека се суперхерои, па многу родители се прашуваат дали е тоа добра игра?

Играта на преправање е многу корисна за децата. Таа имагинативна и креативна игра е важна за развојот на социјалните, емоционалните и когнитивните вештини на децата, но е и начин за истражување и откривање на светот. Има многу благодати од овој вид игра, вклучувајќи го и развојот на самоконтролата и саморегулацијата, зголемената концентрација, способноста за истражување развојни вештини преку подрачје на интереси и уживање во процесот на учење. Истовремено се поттикнува социо-емоционалниот развој и академскиот успех, според зборовите на некои експерти што го истражувале овој вид играње кај децата.

Играта на преправање многу веројатно може да му помогне на вашето дете да се ослободи од тешкотиите и стресот, а вашето дете ќе се чувствува посигурно. Децата почнуваат да играат преправање помеѓу 14 и 18 месеци, а за среќа не треба многу за почеток. Во оваа фаза родителите може да го поддржат преправањето така што на располагање им се мноштво интересни предмети за поттикнување на фантазијата и креативноста, на пример, картонски кутии, блокови за градење, кукли и диносауруси.

Како што расте, вашето дете во еден момент ќе дојде и ќе рече: „Мамо, тато, јас сакам да бидам тоа и тоа“. Поттикнете го детето да учи работи што му се важни за иднината и за животот. Можете да имате семејни театарски вечери. Вашето дете може да ги направи реквизитите, облеката и сите предмети што ви се потребни за театарска претстава. Излезете надвор и употребете ја природата, дозволете му на детето самото да ја создаде сцената, а вие можете да му помогнете наведувајќи го што е добро, а што не.

Играта на преправање може да ви помогне да го научите детето на многу работи. На пример, кога сте надвор и детето го гледа кучето и почнува да се плаши, вие можете да му кажете да глуми дека е ветеринар и дека не треба да се плаши од кучето. Така ќе му покажете како треба да се однесува кога ќе види куче и како да постапи.

Играта на преправање може да го научи детето на многу работи.

И додека родителите имаат контрола врз поголемиот дел од семејната динамика, во ваквата игра прво дозволете им на децата да бидат сопствени режисери и продуценти. Така можат непречено да се изразуваат и да ги истражуваат своите интереси во различно опкружување. За возврат, тоа ја храни нивната љубопитност и го растегнува нивниот ум, за да се промовира интересот за истражување и понатамошно учење. Но, ваквите игри кај родителите некогаш знаат да бидат причина за негативни расправи. За почеток, родителите често знаат да прашаат дали глумењето ТВ-емисии и филмови значи дека поминуваат премногу време пред екран и дека децата нема да ја развијат сопствената фантазија. Повеќето деца го знаат секој збор од филмот и често го повторуваат. Би требало да се загрижите кога вашето дете не би можело да го генерира јазикот или идеите.

Употребата на оружје како пиштоли и ножеви е уште едно подрачје кое ги загрижува родителите, но нивното повторување во игрите само по себе не е загрижувачко. Тоа не значи дека ќе бидат насилни. Меѓутоа, ако таквото однесување често се појавува и почнува да ве загрижува, тогаш е време за аларм. Децата многу често го изразуваат овој вид игра. Родителите секогаш може да постават граници околу овие видови игри или да ги пренасочат децата на други подрачја, ако мислат дека тоа е премногу.

На неколку загрижувачки знаци сепак треба да се внимава:

Играта на преправање која вклучува повторување на темите на насилство, агресија или несоодветна содржина може да биде црвено знаме кое ја оправдува понатамошната процена. Уште едно можно црвено знаме е ако вашето дете одненадеж изгуби интерес или изгледа дека повеќе не ужива во играта на преправање. Родителите мора да се распрашаат за тоа каде децата учат за тие видови теми, за да им обезбедат сигурност.

Познавањето на фазите на преправање може да им помогне на родителите

14-18 месеци: Овде веројатно ќе видите игра која се темели на секојдневни познати активности. Тука, исто така, децата изведуваат една актерска игра, обично со возрасно лице или кукла.

19-22 месеци: Преправањето се повторува врз основа на секојдневните вообичаени активности. На пример, кога детето би користело лажица за хранење на своето кадифено мече.

2 -3 години: Почнувате да гледате како се вклучуваат емоции, вербално планирање и редослед на неколку работи за темата. Повеќе чекори се вклучени во таа претстава. На пример, куклата се храни со лажица, со салфетка се брише устата, па на куклата ѝ се дава да пие вода.

3,5 -4 години: Преправањето се темели на случувањата што детето ги видело или чуло, но не ги доживеало лично. Родителите ќе го видат пресвртот во гласот или разговорот на детето со куклата. Играта вклучува кратки низи од активности кои сега се поврзани со време. Во овој период гледате дека симболичните предмети стануваат играчки. На пример, блоковите стануваат автомобили.

5-6 години: Ја гледате повеќекратната улога: мајка, татко, учител. Ова е игра на повеќе нивоа на преправање со повеќе јазични тонови, користење заклучок и гест за комуникација.

А кога престанува оваа игра? Можеби никогаш. Иако  она што ние традиционално го сметаме за преправање, играта со кукли или акциски фигури, во текот на напредувањето во основното училиште повеќето деца ќе го заменат со книги, уметност, видеоигри или спорт, некои деца и возрасни имаат желба да продолжат да се занимаваат со замислени теми преку уметноста, театарот, креативното пишување и слично во текот на својот живот.

Автор: Мариса Ласкала

Извор



912

X