Кога станува збор за деца од предучилишна возраст, најголем број од родителите поставуваат многу прашања поврзани со играта како доминантна стратегија за учење и развој, на пример: Зошто играта и игровната активност се значајни за детскиот развој? Што значи за децата концептот за учење преку игра? Како децата ја доживуваат играта? Како да бидам дел од неговата игра?
Раниот детски развој претставува процес кој опфаќа пет домени на развој кај децата: физичко здравје и моторен развој, социо-емоционален развој, развој на пристап кон учењето, развој на јазикот, писменоста и комуникацијата, когнитивен развој и стекнување општи знаења. Играта ја има носечката улога во раниот развој на детето затоа што таа, всушност, претставува примарна, пародоксална и спонтана активност, во која децата не се свесни дека на интерактивен начин учат.
Преку неа се поттикнуваат и развиваат критичкото и логичкото размислување, се стимулираат креативноста и иновативноста и се подигнува степенот на мотивација за истражување на непознатото. На тој начин се формира цврста основа врз која подоцна децата како дел од формалното образование и учесници во општествениот живот, сознанијата ќе ги надградат со нови знаења, информации и факти. Начинот на игра на децата (квалитетот на играта и игровните активности во различни развојни периоди), претставува индекс за процена кој го одредува степенот на развој на детето.

За да дојде до појава на играта и игровните активности, мора да претходи стадиумот на предигровни активности (манипулации на детето со предметите од околината), со кои се развива сензомоторната координација. Играта почнува да станува пожива околу шестиот месец и притоа мора да се внимава на играчките со кои играат децата. Тие треба да бидат меки, безбедни, соодветни за возраста, да имаат јаки контрасни бои, да испуштаат разни звуци и слично.
Постепено, како што децата растат и се развиваат, така играта за нив станува еден посебен свет кој самите го креираат, со помош на својата креативност, фантазија и љубопитност. Преку играта децата учат како да се концентрираат и да ги постигнат целите што ги замислиле. Децата сами ја одредуваат содржината и го контролираат текот на играта врз основа на претходните искуства и знаења.

Уште од најмала возраст голем број родители ги опсипуваат своите деца со разни играчки, а го изоставаат делот во кој од нив се бара континуирана интеракција. Покажете му на вашето дете како да си игра со играчките, дајте му инспирација и идеја за игра што би можело да ја игра, но не поставувајте се во улога на креатор на играта. Не трудете се да ја видоизмените играта или да потенцирате ваши правила. Децата обожаваат да се опкружени со разни играчки и материјали, да се во друштво со врсници, да не се временски и просторно ограничени. Тие се искрени, непредвидливи и внесени во улогата што им ја доделува играта, затоа оставете ги да уживаат и да се соживеат со ситуацијата која самите ја искреирале. Во играта децата се фокусирани на нејзиниот процес, а не на крајниот исход, без разлика дали станува збор за конструктивна или симболичка игра. Насочувајте го само текот на играта, активно следете ги афинитетите и интересите на вашето дете и следете го неговото темпо на игра.
Запомнете, вие сте учесник во детскиот свет на фантазијата и креативноста!
Автор: Ангела Икономоска, педагог