Зголеменото седентарно време, вклучувајќи го времето поминато пред екран и седењето, е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес и дебелина

Кога станува збор за дебелината кај децата, седентарното однесување може да биде највлијателен и контролиран фактор што родителите можат да го променат, особено преку менаџирање со времето поминато пред екранот.
Комитетот за дебелина при Американската асоцијација за борба против срцеви болести – АХА препорачува отстранување на телевизорите и другите екрани од спалните соби и нивно исклучување за време на оброците. Така ќе се создаде период кога децата нема да ги користат уредите, па поттикнувајќи игра на отворено, родителите може да воведат ред за времето поминато пред екранот.
Седентарното однесување е повеќе отсуство на физичка активност. Вклучува време поминато во гледање телевизија, читање и возење автомобил. Зголеменото седентарно време, вклучувајќи го времето поминато пред екран и седењето, е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес и дебелина.
Дебелината се јавува кај едно од шест деца и адолесценти во Америка, според центрите за контрола на болести и превенција. Тековните упатства препорачуваат ограничување на времето поминато пред екранот на помалку од два часа дневно.
– Бидејќи имаме преносливи уреди, настојуваме да мислиме дека ги користиме додека стоиме или се движиме, но седентарното однесување и понатаму е присутно – вели главниот автор на истражувањето, Траси Барнет од Националниот институт за научни истражувања во Квебек, Канада.
Истражувачите ги разгледале неодамнешните истражувања околу седентарното однесување, дебелината на децата, како и здравјето на срцето кај децата што минуваат многу време пред екран. Тие забележале дека традиционалното гледање телевизија било намалено кај децата и тинејџерите, но времето поминато пред екраните се зголемило, а децата почнале да користат и други уреди низ домот за гледање видеа онлајн, да играат игри и да разговараат со пријателите.
Истражувањето спроведено од непрофитната организација „Комон сенс медиа“ во 2015 година открило дека тинејџерите поминуваат 6 часа и 40 минути дневно пред екраните, вклучувајќи околу 2 часа пред телевизор, додека помладите деца трошат повеќе од 4,5 часа дневно на екраните. Времето поминато пред екраните значително се зголемило како што децата влегле во тинејџерските години.

Претходните истражувања покажале дека намалувањето на времето поминато пред екранот, како во училиштето така и дома, го намалува седентарното однесување.
– Повеќето луѓе почнуваат да сфаќаат дека ова е сериозен проблем – вели Џенифер Робертс од Универзитетот Мериленд.
– Потребно е да ги нагласиме интеракциите лице в лице, да дадеме приоритет на времето поминато на отворено и да создаваме паркови и улици каде што луѓето и децата можат да шетаат. Наместо да се ограничи времето поминато пред екранот, треба да бидат приоритет другите активности што имаат позитивно влијание врз децата – вели Барнет.

 



912

X