Бидејќи носењето бебе во стомакот 9 месеци претставува голем напор за жената, физичката подготвеност е важна во бременоста. Добрата кондиција ќе го скрати и олесни породувањето, ќе го забрза закрепнувањето, а покрај тоа ќе има и голема предност за вашето бебе.
1. Вишокот килограми се ризик
Општата здравствена состојба е многу важна кога планирате бременост. Доколку имате вишок килограми, постои зголемен ризик од дијабетес, зголемен крвен притисок во бременоста, но и можност за породување со царски рез.
2. Недостиг на килограми
Доколку имате недоволна маса, постои можност да дојде до предвремено породување, а со самото тоа и раѓање бебе со намалена телесна маса.
3. Диетите се опасни, хранењето треба да е здраво
Најдобро би било пред бременоста да се коригира исхраната и да се посветите на физичка активност за да бидете во добра форма. Во текот на бременоста, сепак, не е добра одлука да држите каква било диета. Ова може да биде особено опасно за вашето дете, бидејќи може да дојде до предвремено породување или негативни последици врз здравјето. Единствено е прифатливо доколку одржувате конкретен начин на исхрана под строг надзор на лекар.
4. Здравите навики се клучни
Сите добри навики, како вежбањето, идеалната телесна тежина, здравата исхрана, би било добро да се задржат и во текот на бременоста. Правилниот избор на вежби ќе ви помогне подобро да ја поднесете бременоста, се разбира, со задолжителна консултација со лекарот. Со текот на времето треба да ги приспособувате вежбите што ги правите во соработка со некој стручен.
5. Добра кондиција
Многу е важно да не се оптоварите со бројот на килограми во текот на бременоста. Најдобро би било постепено да добивате килограми (помеѓу 11 и 16). Постепеноста ќе помогне да ги избегнете непријатностите, како заморот, проширените вени, лошо варење, хемороиди, стрии. Вежбањето во бременоста исто така ќе помогне овие непријатности да се избегнат.
Доколку сте се занимавале со спорт, во консултација со лекар можете да продолжите во одредена мера. Ако, пак, не сте се занимавале со спорт, немојте во бременоста да почнувате со интензивни тренинзи.