Читањето приказни со детето уште од најрана возраст е многу важно за неговиот целокупен развој. Ова се само дел од придобивките од читањето во рана возраст:
1. Поттикнување на развојот на говорот и јазикот. Со слушање и имитирање на возрасните детето учи да зборува, го развива и усовршува говорот, го усвојува јазикот и го применува преку континуирана интеракција со околината. Со усвојување нови зборови, изрази и реченици детето ја подобрува комуникацијата со околината и развива врски со другите. Говорот и јазикот стануваат основа за унапредување на целокупниот психолошки развој на детето.
2. Поттикнување на логичното и критичко размислување. Заедничкото читање ги развива когнитивните способности на детето, логичното и критичко размислување. Преку разговорот во текот на читањето детето ги открива причините и последиците од појавите и настаните, развива вештини за проценување и расудување.
3. Поттикнување и развој на креативноста. Заедничкото читање го збогатува внатрешниот свет на детето, поттикнува имагинација и развој на креативно размислување.
4. Стекнување вештини за комуникација. Слушањето приказни, заедничкото читање и разговорот во текот на читањето му овозможуваат на детето појасно да ги изрази своите чувства, искуства, потреби и желби. Тоа учи како да ги искажува своите ставови и мислења, но исто така и да прифаќа и да ги разбира ставовите на другите, што води кон развој на толеранција и емпатија.
5. Подобри постигнувања на училиште. Децата имаат поразвиени интереси, внимание и меморија. Тие се понезависни и посигурни во себе.
6. Негување на чувството на сигурност и приврзаност. Поминатото заедничко време при читање ќе му овозможи на детето да развие чувство на блискост и приврзаност. Тоа ќе го направи да се чувствува сигурно и безбедно. И, конечно, детето ќе ужива во времето поминато со вас, а уживањето ќе биде заемно!
Стимулативни активности во текот на читањето
Читањето со вашето дете вклучува голем број разновидни и стимулативни активности.
– Додека читате, следете ги зборовите со прстот. На овој начин детето се сеќава и на визуелниот изглед на зборот, што е неопходно за стекнување вештина за читање.
– Читањето нека биде интерактивен процес. Охрабрете го да гледа слики, да ги опише, да покажува предмети, да поставува прашања, да дејствува, да зборува самостојно…
– Обидете се да дејствувате додека читате. Дозволете си да се соживеете со ликовите. Гестикулациите и мимиките се многу важни и треба да го следат текот на настаните во приказната. Променете ги висината и јачината на тонот во зависност од карактерот кој зборува. Зборувајте побрзо или побавно во зависност од моменталната состојба во приказната.
– Имитирајте звуци од природата или животни. Слободно можете да додавате зборови или реченици што не се во приказната. Ако, на пример, се споменува броење, охрабрете го вашето дете да брои. Можете да додадете свои коментари и размислувања.
– Поттикнување и развој на логично и критичко мислење. На одредени места може да престанете да читате и да го прашате детето: Што мислиш, што ќе се случи следно? Како се чувствуваше главниот лик? Што мислиш за неговите постапки? За што би можел да размислува? Каков совет би му дал нему во таа ситуација? Кој лик од претходните приказни има слична особина? Што би направил ако беше на негово место?
– Поттикнете ја детската фантазија и креативност. Размислете со вашето дете за нови наслови на приказните. Дајте им на ликовите нови имиња. Можете да го измислите заедно и продолжувањето на приказната, или поинаков крај. Дозволете му на вашето дете да раскажува гледајќи ја приказната во илустрациите. Направете драматизација на приказната и сопствена кореографија.
– Играјте пантомима на дел од приказната. Детето треба да претпостави што покажувате, а потоа можете да ги менувате улогите.
Тематиката и комплексноста на книгите се менуваат како што растат децата. Многу е важно да се направи правилен избор на приказни и сликовници според возраста на детето. Имајте на ум дека и децата во одредена мера имаат изграден вкус, така што понудете му на детето само да си ја избере книгата што сака да му ја прочитате. Важно е да се создаде ритуал за читање во точно определено време од денот.
Децата не треба да ги присилувате да ја слушаат целата приказна и треба да им читате онолку долго колку што тие сакаат да слушаат.
912