Патувањето не е само скап одмор во хотел со пет ѕвезди. Тоа дури и не мора да биде апартман во одморалиште во Грција. Патувањето е и продолжен викенд во изнајмено сместување на планина или на бања. Можеби малку подалеку од центарот. Можеби дури и вонсезона.
Речиси секој може, одвреме-навреме, да си го дозволи тоа за своето семејство. Но, за жал, има и многу луѓе што не патуваат. А најчеста причина всушност не е недостигот на пари, туку лошите навики. А верувањето кое се пренесува со генерации дека трошењето пари на чувства и искуства, кога потоа немаш ништо опипливо, е екстраваганција. Некогаш таквиот став имал силна основа бидејќи нашите прабаби и прадедовци, голем број од нив, се мачле за да им обезбедат на своите деца основни средства за живот и да ги образоваат.

Денес, во најголем дел не е така. Кратки патувања, некаде во близина, би можеле да си дозволат многумина што не го прават тоа. Кога бевме деца, родени во осумдесеттите, ретко патувавме. И повторно, не беше толку многу заради парите. Кој немал куќа или барем тетка на море, можеби само секоја втора година одел во Врњачка Бања или во Црна Гора. Дали се сеќавате? Дали и за вас тие спомени се толку живописни како да беше вчера? А знаете ли зошто?

Од истата причина зошто секогаш треба да патувате со вашите деца денес наместо да им купувате пластичен камион, автомобил на батерии или подобар автомобил за себе. Затоа што патувањето е единственото време кога децата знаат дека сте само нивни. Не можат да го кажат тоа. Најмногу сакаат кога ќе влезете во автомобилот и ќе одите некаде заедно, за да ги запаметите и чувате тие спомени, каде и да се направени. Не се сеќаваат на луксузниот хотел и плажите со тиркизно море. Тие паметат моменти.

Размислете за тоа. Кога сте дома, без разлика дали работите или сте на одмор, секогаш има нешто што ќе ви го одвлече вниманието. Перење алишта, прашината на ТВ, садови во мијалникот, непеглани алишта. И децата знаат дека дури и кога ќе седнете со нив, дел од вас е како наполнет пиштол кој чека да стане за да направи сѐ што треба да се направи. Кога патувате, тие работи ги нема. Не ве загрижува прашината на телевизорот. Кога ќе се оддалечите од обврските и секојдневието, му припаѓате само на семејството. И децата го чувствуваат тоа со целото свое битие. Затоа тие моменти се толку важни и драгоцени.

И затоа речиси секое дете што отпатувало некаде веројатно ќе може да ви го раскаже секој детаљ, секој мал, навидум безначаен настан од тоа патување, кое за него е еден од најважните спомени. Маче на пат, кловн на градскиот плоштад или чорба во локален ресторан. Ќе ги заборавите додека да се вратите дома, но не грижете се, децата секогаш ќе ве потсетуваат колку е важно и големо нешто во нивните очи.

Затоа, кога мислите дека е подобро да купите нов телевизор или да го замените мебелот во дневната соба, почекајте уште малку. Децата брзо ќе пораснат и наместо во предмети, инвестирајте во моменти.

Извор



912

X