Децата во советските градинки спиеле на отворено, дури и во зима, кога температурите биле под нулата. Тоа била вообичаена практика. Денес ваква глетка сè уште може да се види во скандинавските земји.

Дали спиењето на студено е опасно за здравјето на децата?

Новинарите од порталот „Раша бијонд“ проучувале документ под наслов „Санитарни правила и прописи за градинки“ од 1985 година, кој бил одобрен од медицинските власти на СССР.

Dmitry Baltermants/MAMM/MDF

Советските детски институции знаеле дека децата треба редовно да престојуваат на свеж воздух. Прописите налагале просториите во градинките да се проветруваат најмалку двапати на ден и децата редовно да си играат и да шетаат надвор. Вработените во градинката требало да се погрижат децата да бидат топло облечени, но не претерано. Зимските капути биле задолжителни само доколку температурата паднела под 4 Целзиусови степени. Сепак, немало информации за спиење на отворено во овие санитарни правила и прописи.

Работен логор или здрава навика?

Сепак, има многу фотографии од деца што спијат надвор. Има и голем број интересни коментари на оваа тема од луѓе што се доволно стари да се сетат на својата младост во СССР.

Една од најважните задачи на првата советска влада била да ги спречи масовните епидемии, вклучително и туберкулозата. До почетокот на 30-тите години над 25.000 лекари работеле во клиниките за туберкулоза; до 1957 година повеќе од 130 милиони советски граѓани биле вакцинирани против туберкулоза. Но, суштината на борбата против епидемиите била секојдневната хигиена, пропагирана во градинките низ СССР.

Свежиот воздух бил неопходен за добро здравје. Здравјето на првите императори од династијата Романови било лошо бидејќи поголемиот дел од животот го поминувале во своите одаи, ретко дишејќи чист воздух, особено кога биле деца.

Спротивно на тоа, советските деца поминувале многу време надвор.

– Добро се сеќавам на овие времиња на дремење на тераси на отворено, дури и во зима. Само носот ни беше изложен за да можеме да дишеме. Oние што не беа проодени се изнесуваа надвор завиткани во топли ќебиња. Просториите се грееја на шпорети на дрва – вели интернет-корисникот matros_kruzhkin, кој поминал една година во детска бања против туберкулоза помеѓу 1959 и 1960 година.

Корисникот DuraLena се сеќава дека во 80-тите години целата група деца во градинка оделе надвор само по гаќички, а биле полевани со вода од црева.

Sergey Solovyov/Sputnik

Сепак, овој режим не бил воопшто пријатен за некои деца.

– Никогаш нема да го заборавам ова, тоа беше како работен логор – пишува корисникот barbosiara.

– Не можевме да мрднеме ни педа во овие вреќи за спиење, а јас не можев да поднесам нешто толку цврсто. Кога полудев од бес, проклетата воспитувачка од градинка само повеќе ме стегна – пишува тој.

Имало многу работа за воспитувачите. Корисникот eliabe_l, роден во Москва во 50-тите, се сеќава:

– Воспитувачите мораа да ги стават децата во вреќи за спиење, потоа да ги извадат на терасата и ширум да ги отворат прозорците од градинката. По еден час дремење сè мораше да се врати внатре. И тоа беше обична градинка, а не елитна институција. Секое утро сите деца ги прегледуваше лекар и ако некој настинеше, го испраќаа дома – пишува тој.

Санитарните норми пропишувале спиење надвор ако температурата е над -10 Целзиусови степени.

Извор



912

X