Кога ќе слушнете дека вашето дете било удрено од друго дете, обично доживувате помал шок. Ако сте еден од родителите кои се трудат да ги воспитаат своите деца што е можно покоректно и ако не трпите насилство и сте убедени дека вашето дете е најдоброто на светот, сигурно реченицата како: „Вашиот син го удри мојот во парк“, во сосема обичен ден, може да ве исфрли од такт.
Па почнувате да размислувате: па моето дете не гледа никој во семејството што тепа некого, знае дека тоа е лошо, не му пуштам насилни цртани, а камоли филмови, се грижам да не види такво нешто, му давам љубов, му зборувам, се грижам, го воспитувам… Па зошто да удри друго дете?! И тука започнува вината. А заедно со вината доаѓа и стравот од уште полошо однесување што може да се случи и стравот дека ова ќе го слушнете во градинка, па во училиште…
Но, послушајте. Не е ваша вина. Речиси сигурно можеме да кажеме дека не е ваша вина. Ако правите сè како што треба, не треба да стравувате дека сè ќе се влоши и дека тоа е поради некоја ваша постапка. Има малку деца кои никогаш нема да удрат друго дете, порано или подоцна во нивното детство. Секако, тоа што е вообичаено не значи дека ќе дозволите и ќе оставите да се заборави моментот што се случи, бидејќи на тој начин му давате до знаење на детето дека тоа е во ред.
Како да реагирате кога вашето дете ќе удри друго дете
Ако вашето дете само удрило друго дете, важно е да останете смирени за ситуацијата да не се влоши, а во исто време, детето од прва рака да види како изгледа да остане смирено среде ситуација која едноставно не е мирна. Ако ја набљудувате оваа ситуација, важно е да бидете цврсти, но со смирен тон да кажете нешто едноставно како „стоп“, „рацете држи ги до себе“ или „без удирање“. Потоа дајте му шанса на детето да проба нешто поинакво, на пример, користење зборови за да идентификува што го налутило или испровоцирало. И не, не очекувајте и не присилувајте го вашето дете веднаш да се извини, особено ако се работи за дете под две години. Ако забележите дека вашето дете почесто ги удира другите, не е лошо да разговарате за тоа со експерт – во градинка, училиште или на друго место.
Што да направите кога вашето дете ќе добие удари
Има добри шанси вашето дете да биде удрено од друго дете, во одреден момент. Кога тоа ќе се случи, важно е да покажете сочувство и емпатија, фокусирајќи се на чувствата и благосостојбата на вашето дете. Потврдете ги чувствата на вашето дете и дајте му до знаење дека удирањето не е соодветен одговор.

Кога се работи со доволно мали деца, кои не можат да го разберат значењето на извинувањето, одлична идеја е да им се даде можност да го „повторат“ она што довело до ударот – но, само ако оцените дека тоа е соодветно и дека ќе биде добро прифатено од другата страна..
Ако родителот на детето што го удрило вашето не ја сфаќа ситуацијата толку сериозно колку што би сакале вие, едноставно тргнете се од тоа друштво, ако е можно. Ништо позитивно нема да дојде од некаков емотивен излив во таква ситуација. Ако често се среќавате со другото дете и со родителот, тогаш можеби е добро да разговарате со родителот, но само кога ќе ги соберете мислите и кога децата нема да бидат присутни.
Запомнете дека како што вашето дете не е злобно кога удира некого, ситуацијата е иста и кога станува збор за обратниот случај.
Автор: Наташа Крстичевиќ