Средувањето на нередот од играчките во домот честопати значи собирање расфрлани парчиња од сложувалки и пластични предмети од кујните-играчки и кадифени играчки.

Се чини дека речиси сите деца ги имаат овие играчки, но зошто толку многу ги сакаат?

Психотерапевтот и автор на книги за деца Бет Тајсон вели дека децата ги сакаат затоа што овие животни нудат чувство на безбедност, предвидливост и удобност во често неизвесен и застрашувачки свет.

– Одете до која било продавница за играчки со мало дете и ќе видите дека тоа веднаш ќе тргне до купот со кадифени животни. Исто како возрасните, и бебињата и децата доживуваат анксиозност. Тогаш бараат луѓе или предмети што ќе им дадат некаква поддршка. Држењето цврсто на меката играчка може да ги смири стравовите на детето, особено кога е одделено од родителот – вели таа.

Кети Лир, лиценциран советник за ментално здравје и терапевт за игри, вели дека кадифените играчки влијаат смирувачки бидејќи станува збор за мултисензорно искуство. Ги забележувате очите од копчиња и бојата на крзното, чувствувате дека се меки – многу деца дури и велат дека нивните омилени играчки имаат специфичен мирис што ги утешува (што би објаснило зошто не можете да ги измамите децата кога ќе им ја замените играчката со нова).

– Едно големо истражување за поврзувањето со предметите открива дека 31 отсто од децата претпочитаат меки мечиња, додека само 7 отсто од децата избираат тврди играчки направени од пластика. Останатите деца во истражувањето избрале ќебиња и крпи – вели таа.


Покрај тоа, на многу деца кадифените животни им служат како преоден предмет. Познатиот психолог Доналд Виникот ги проучувал децата за да открие зошто толку голем дел од нив имаат посебна приврзаност кон омилената играчка во текот на раното детство. Доналд вели дека овие преодни предмети им помагаат на децата да го надминат јазот кога родителот не може да е таму. Кадифеното животно ги потсетува на љубовта и грижата на нивниот родител.

– Додека кој било предмет може да биде избран од децата како преоден предмет, тие најчесто избираат мека играчка или ќебе за оваа задача. Се чини дека мекоста на играчките им е навистина важна и корисна – вели Лир.

Кадифеното животно се смета за потсетник на љубовта и приврзаноста со родителот, а не за замена на родителот

И не само што децата наоѓаат утеха во кадифените животни, туку тие учат и за важни социо-емоционални вештини додека играат со нив. Тајсон вели дека децата учат емпатија, ги негуваат и водат грижа за нив.

– Исто така, тие вежбаат јазични вештини и имагинативна игра, што е клучно за здравиот развој – вели Тајсон.

Ова е причината зошто терапевтите често ги користат кадифените животни за да им помогнат на децата да реагираат на стресни или вознемирувачки настани за да можат да ги обработат емоциите. Исто така, кадифените играчки се користат од професионалци за моделирање на однесување и за разговор за тешки чувства и теми за кои детето нормално не би зборувало.

Што се однесува до негативноста поврзана со кадифените животни, интересно е тоа што во 40-тите години истражувањата посочувале дека приврзаноста на детето кон играчка или кадифено животно се должи на недостигот на приврзаност помеѓу мајката и детето. Но, истражувањето спроведено од Виникот го открива спротивното. Децата што се приврзани за кадифено животно или друг предмет се многу посреќни и позадоволни. Кадифеното животно се смета за потсетник на љубовта и приврзаноста со родителот, а не за замена на родителот.

Лир додава дека единствената негативна работа на која би можела таа да помисли во врска со кадифените животни е тоа дека на детето ќе му биде крајно тешко ако го изгуби преодниот предмет.

– Ако е можно, купете му ја таа играчка во поголем број, и чувајте неколку при рака во случај да биде изгубена – вели таа.

Автор: Аби Бервагер Шреиер

Извор



912

X