Сите знаеме дека чистењето и средувањето се едни од првите игри преку кои малите деца ги имитираат возрасните и тоа е нешто што прво го забележуваме кај нив. Понекогаш се прашуваме зошто баш чистење, која е поентата?

Додека се мали, но сепак не се веќе бебиња, децата често си играат игри во кои се вклучени средувањето и чистењето. Веројатно знаете како изгледа: фрлаат замислени трошки, ги бришат подовите, ја бришат прашината од мебелот и сè што ќе им дојде при рака станува џогер – чорап, лигавче, пижами… Не е чудно што индустријата за играчки го препозна ова, па затоа има многу играчки кои имитираат алатки за чистење.

Генерално, се чини дека чистењето е една од омилените игри за имитација, а таа фаза трае доста долго. Дел од причината за ваквото однесување лежи во тоа што сакаат да нè имитираат, а делумно причините се развојно-когнитивни, социјални и емоционални – за започнување на таква игра.

Зошто малите деца сакаат да чистат?

Во нивната природа е да имитираат

Копирањето на други луѓе, особено родителите, е составен дел од развојот. Децата се имитатори по природа, најмногу затоа што и луѓето се такви. Човекот е општествено суштество кое ги учи основните лингвистички и моторни вештини (како зборување и скокање) гледајќи како другите луѓе го прават тоа.

Се чувствуваат добро

Кога се занимаваат со чистење, малите деца добиваат чувство на достигнување и самопочит, особено поради пофалбите што ги добиваат додека го прават тоа. Тоа е многу стимулативно и придонесува за нивното чувство на слобода и чувството дека можат да завршат одредени задачи. Дополнително, ако имаат играчки кои се моделирани по средства за чистење, тоа им овозможува полесно да се поврзат со нивната околина. Плус, кога се преправаат дека се возрасни, тоа им ја гради самодовербата.

Развојни придобивки од имитирањето чистење

Иако тие ретко чистат нешто, многу е важно да ги оставите да чистат. Ова има многу развојни предности, а на позитивен начин се развиваат јазикот, моторните вештини, креативноста, флексибилното размислување, решавањето проблеми, а исто така и социјално-емотивниот дел од развивањето на емпатијата.

Лингвистички

Имитацијата е основа за јазикот и комуникацијата и ни дава увид во тоа што се случува во мозокот на малото дете кога имитира. Преку имитација се развиваат и вербалните и невербалните форми на комуникација. Кога детето ќе исчисти, вие ќе го пофалите.

Социјални

Кога детето ќе достигне фаза да се гледа себеси како одвоено суштество од родителите, тогаш почнува да ги набљудува туѓите однесувања и потоа да ги испроба тие однесувања. Тоа е она што ги поставува темелите за развој на емпатијата. Таквата игра со имитација е навистина клучна за развивање емпатија во општество каде што навистина треба да се грижиме еден за друг.

Физички

Најочигледната придобивка од овој тип игра е веројатно придобивката од фините и моторичките вештини. Го движиме телото и кога метиме, како и кога чистиме што било. За детето, ваквата игра е всушност како одредена доза на физичка активност.

Извор



912

X