Речиси секое дете во некој период поминува низ фаза на пребирање. Додека за некои тоа е привремено, постојат деца што никогаш не се задоволни со она што им се сервира на чинија. Родителите се фрустрираат кога детето ќе почне да ја одбива храната што до вчера ја обожавало и не им е јасно што се променило.

Психологот Кит Конерс во својата книга „Хранејќи го мозокот: Како храната им влијае на децата“ ја појаснил причината поради која доаѓа до такво однесување. На пример, тој пишува дека изборот на храна е една од ретките работи што децата можат да ги контролираат, особено ако поминуваат низ некои животни промени, како одење во градинка или во основно училиште.

Диететичарката Криси Керол, која стои зад блогот „Млечни производи бесплатни за бебињата“, смета дека постои уште една причина.

– Нашите сетила за вкус ја одбираат слатката храна. Ако на детето сте му понудиле кекси, што е храна за која природно ќе има поголем афинитет, можеби ќе престане да го јаде она што претходно го обожавало. Ќе се надева дека токму кексите ќе станат негов оброк во секое време од денот – истакнала Керол. Таа тврди дека таканаречениот штрајк на децата, односно одбивање храна, може да се случи и поради тегоби.


– Ако родителите константно вршат притисок врз детето и го тераат да го јаде она што не го сака, и ако целото тоа искуство е непријатно за детето, очекувано е дека јадењето ќе премине во борба. Во тој случај не се работи за тоа дека детето не ја сака храната во која до вчера уживало, туку се обидува да извојува победа на бојното поле. Мислиме дека постапуваме правилно ако ги тераме да јадат нешто, а со тоа можеби целосно ги одвраќаме од јадење – објаснува Керол.

Во магазинот „Апетит“ научниците соопштиле теорија според која можен проблем е монотонијата.
„Ако детето постојано јаде иста храна, таа нема да му претставува задоволство и ќе ја одбива со цел да ги поттикне родителите да смислат и да понудат нешто ново“, се изјасниле научниците во својот заклучок заснован на спроведеното истражување.

– Иако е можеби тешко, обидете се да не бидете фрустрирани и вознемирени поради навиките на вашето дете. Ако растат и се развиваат, правите добра работа. Настојувајте и понатаму да им нудите храна, воведувајте нови намирници, па надевајте се дека во некој момент ќе им здосадат чоколадните житарици за појадок и вечера или пилешкото за ручек – советува Керол.



912

X