За девојчињата се знае дека побрзо созреваат отколку нивните мајки и нивните баби во минатото, но сè пораниот почеток на созревањето кај момчињата е новина која ги изненади американските истражувачи.

Досега главно се истражуваше женскиот пубертет, чиј почеток може лесно да се определи со првата менструација, но машкиот потешко се определува. Во најновото истражување на Американскиот институт за педијатриски истражувања учествувале 4.131 момче од 40 американски држави, а 212 педијатри го испитувале растот на срамните влакна и на тестисите како први знаци за збогување со детството. Се покажало дека пубертетот доаѓа од 1,5 до 2 години порано за разлика пред неколку децении. Првите знаци се појавуваат околу 10-тата година, најрано кај афроамериканските момчиња на возраст од 9,14 години во просек, кај белците на возраст од 10,1 година, а најдоцна кај Латиноамериканците – на просечни 10,4 години. Истражувачите немаат одговор на прашањето зошто постојат разлики во етничките групи.

И додека на прашањето дали постои причина за машкиот турбопубертет научниците немаат одговор, развиени се неколку теории. Една од нив е дека дебелината придонесува за раното созревање. Повеќегодишното истражување на експертите за хормони од Универзитетот во Мичиген, кое се вршело на 354 девојчиња од различни општествени слоеви на возраст од третата година до пубертетот, покажало дека кај девојчињата со вишок килограми доаѓа до порано созревање отколку кај нивните врснички со нормална тежина.

Едно двегодишно набљудување на 444 американски девојчиња на возраст од шест до осум години покажало побрзо созревање кај девојчињата одгледувани во семејство без биолошки татко. Зошто е така, останува нејасно, а уште понејасно е зошто тие доаѓаат од добро ситуирани средини и зошто повеќето се со афроамериканско потекло. Една од претпоставките е дека чувството на детето дека живее во нестабилна средина е причина за раното созревање, за да се осамостои што порано.

Што значи раниот пубертет? Експертите предупредуваат дека има опасност за здравјето, особено кај девојчињата зашто се зголемува можноста за рак на дојката и на репродуктивните органи, како и склоност кон заболување од астма, но и за ризични сексуални односи и за консумирање дрога.



912

X