Кадифените играчки во облик на животно се составен дел од собата на секое дете. Дури и ако детето има само една играчка, веројатно тоа е кадифено животно. Од мечиња, лавчиња, слончиња, пингвини или кутриња, ваквите играчки ги има во сите облици и големини. 31 отсто од децата најмногу ги сакаат меките кадифени играчки и во денешно време кога играчките се сè помодерни и посветкави, бидејќи сепак кадифените животни не ја изгубиле својата привлечност.

Едно истражување за предмети кон кои се приврзани децата покажало дека 31 отсто од децата преферираат меки мечиња, додека само 7 отсто од децата одбираат тврди играчки од пластика. Другите деца во истражувањето избрале ќебенца и слични делови од ткаенина.

А зошто децата баш толку многу ги сакаат?

Истражувањата покажале дека модерните кадифени животни се дизајнирани така што имаат прецизни црти на лицата и димензии кои во човечкиот мозок предизвикуваат копнеж за галење.

„Децата многу ги сакаат животните бидејќи им даваат чувство на сигурност и се извор на радост и забавно друштво. Кадифените животни се комбинација од таа блискост и предмет на утеха кој им е достапен кога и да им е потребен на децата“, објаснува Ива Брчиќ, едукаторка во програмата „Најсреќното бебе“ од Хрватска.

И Бет Тајсон, психотерапевт и авторка на детски книги, смета дека децата толку многу ги сакаат кадифените животни бидејќи им даваат чувство на сигурност, предвидливост и пријатност во често неизвесниот и застрашувачки свет. И децата може да имаат чувство на тегоба, а тогаш бараат луѓе или предмети кои ќе им дадат утеха. Цврстото држење на мек мазен предмет може да ги ублажи детските стравови, особено ако е одвоено од родителите или негувателите.

Повеќе од половина возрасни Американци сè уште ги чуваат своите кадифени мечиња од детството. Кога се испраќаат играчки во некои сиромашни земји или места каде што има воени конфликти, прв избор за донација за децата се кадифените играчки, покрај храната и хигиенските средства.

Кејти Леар, лиценцирана советничка за ментално здравје и психотерапевт, вели дека кадифените играчки се смирувачки затоа што се и искуство кое нуди вклучување на повеќе сетила. Детето ги гледа нивните очи и боја, ја чувствува меката текстура под прстите, а важен е и мирисот, бидејќи децата често не можат да бидат излажани кога родителите се обидуваат да им „подметнат“ нова таква играчка.

Кадифените играчки ги потсетуваат децата на љубовта и приврзаноста со родителите

Кадифените животни се преоден објект за децата. Познатиот детски психолог Доналд Виникот проучувал зошто децата се толку врзани за омилената играчка во раното детство и открил дека тие преодни објекти им помагаат на децата кога родителите не се блиску, бидејќи ги потсетуваат на нивната љубов и грижа.

„Иако детето може да избере кој било предмет за преоден, најчесто избира мека играчка или ќебенце. Изгледа дека мекоста на играчките навистина им е важна и корисна“, вели Кејти Леар. Инаку, според истражувања од 40-тите години, детската приврзаност со играчките или кадифените животни е последица од недостигот на поврзаност помеѓу мајката и детето, но Виникотовото истражување го открило токму спротивното. Децата што се многу поврзани со кадифено животно или некој друг предмет всушност се повеќе поврзани со родителите и се среќни и задоволни. Приврзаноста сега се гледа како потсетник на љубовта и поврзаноста која родителите ја даваат, а не како замена за родителот кој недостига.

Неколку причини зошто децата ги обожаваат

Со нив детето може да игра и да се преправа дека е возрасно

Откако по цел ден им се кажува што да прават и како да се однесуваат, децата понекогаш сакаат да си играат возрасни. Кадифените играчки се совршени пасивни набљудувачи и детето може да се грижи за нив, но и да ги дисциплинира. Малечки се, лесни, може да им се дадат особини на живи суштества. Кога детето си игра со нив, се чувствува способно и дека има контрола. Некои експерти за детски развој посочуваат дека таквата имагинативна игра е клучна за нивниот ментален и општествен развој.

Секогаш се насмеани

Кадифените животни се секогаш со добра волја, дури и откако ќе паднат на под или се оставени сами надвор. Нивните мазни топли лица никогаш не разочаруваат.

Ги даваат најдобрите прегратки

Ниту една играчка или кукла не дава толку топли и меки прегратки како кадифената.

Едноставни се за носење и одржување

Лесни се за кревање и носење, лесно може да се постават на кревет, брзо се перат и не боли ако згазнете на нив со боса нога.

Може да се потпрете на нив

Кадифените играчки не може да се скршат, немаат екрани кои пукаат, батерии кои се трошат, па дури ниту делови кои може да се изгубат. Едноставни се за носење на излети, патувања. Ако се искинат, лесно може да се сошијат со конец и игла.

Извор



912

X