Како и секоја година, зимата ја носи темата за респираторните болести. Во просек едно дете годишно добива и до осум инфекции на респираторниот тракт, а децата што одат во градинка и до 12. Често си го поставуваме прашањето зошто некои деца полесно ја минуваат настинката, додека други добиваат воспаление на белите дробови? Зошто некои деца се болни подолго од другите? Зошто некои деца многу ретко се разболуваат, речиси никогаш?
Се разбира, сето тоа зависи од видот на предизвикувачи на болести со кои децата се сретнуваат, успехот на терапијата, добрата соработка со лекарот и родителите, возраста на детето, но многу големо влијание има имунитетот, односно природната одбрана на организмот.

Одбранбениот систем сè уште не е развиен

Децата најчесто се разболуваат до третата година бидејќи нивниот имунитет или одбранбен систем сè уште не е созреан. Веќе кога детето е на возраст од 10 до 12 години, ќе го достигне нивото на возрасно лице. Имунитетот го сочинуваат низа одбранбени реакции предизвикани од туѓи тела и микроорганизми внесени во организмот. Природната отпорност или имунитет на детето во најраната возраст зависи од имунитетот на мајката.

За време на бременоста мајката преку крвта му пренесува на плодот заштитни тела кои го штитат од инфекција. Со првото доење новороденчето добива заштита од својата мајка бидејќи првото млеко е богато со антитела, затоа се нарекува и прва вакцина. Мајчиното млеко претставува еден од најдобрите извори за заштита од болести. Докажано е дека децата што се доени се поотпорни на различни инфекции (инфекции на уво, пневмонија). Имунитетот е наједноставниот резистентен отпор на организмот, способноста да се одбрани од болеста.

Избегнувајте затворени простори

Веќе кажавме дека детето се раѓа со имунитет кој е наследен од својата мајка и трае првите неколку месеци од неговото раѓање. Проблемот настанува кога имунитетот стекнат од својата мајка ќе се истроши, а сопствениот сè уште не е созреан, и тоа се случува помеѓу осмиот и десеттиот месец кај бебето. Во тој период децата се најосетливи и најнезаштитени од болести. Затоа треба да избегнувате затворени простории каде што има многу луѓе, особено ако меѓу нив има и болни. Со оглед на тоа дека имунитетот на детето до третата година е понизок од имунитетот на поголемо дете, педијатрите препорачуваат детето да не оди во градинка пред да наврши три години, се разбира, ако има кој да го чува детето дома.

Исхраната и движењето против болестите

За да го заштитите детето од болести, исхраната на детето треба да изобилува со витамини А, Б, Ц, Е, (млеко, моркови, пиперки, морска риба, банани, зелен листест зеленчук, овошје), железо, цинк. Движењето исто така го поттикнува имунитетот. Треба тоа да го имате на ум ако имате дете кое со часови седи пред компјутерот или телевизорот. При зголемена физичка активност срцето пумпа повеќе крв и одбранбените тела побрзо патуваат низ телото. Се препорачува физичка активност барем половина час дневно. Во случај на чести и тешки разболувања на детето постои можност да се направат одредени лабораториски испитувања за да се постави дијагноза за слабото развивање на имунолошкиот систем. Во случај на пониски вредности од нормалните постојат терапии кои ќе му помогнат на детето. Секако, за тоа одлучува лекарот што се грижи за детето. Улогата на родителот е да соработува со лекарот за заедничка грижа за детето.

 



912

X