Игротека

Зошто децата би требало да си играат во песок?

Децата сакаат да си играат во песок, а еве зошто тоа треба и да им го дозволиме

Децата го обожаваат песокот, а возрасните баш не. Во градот сомнително го гледаат како потенцијален извор на зарази, а на море е иритирачки бидејќи се провлекува насекаде, го валка автомобилот, домот, не можете да го извадите од себе. На некои буквално им се крева косата на главата на самата помисла дека одат на песочна плажа. Но, песокот всушност, воопшто не е толку лош.

Зошто е добро и здраво да се игра во песок? Ова се само некои од причините:

Добро влијае на физичкиот развој

Детето може да игра во песок на различни начини. Носејќи кофи со песок, превртувајќи ги, напорот кој го вложува за да го префрли товарот од една во друга кофичка или со лопатка да ги наполни – сето тоа е многу добро за развојот на грубата моторика.

Освен тоа, детето ги развива и мускулите, а напорот кој го вложува за земање на поситни предмети, влијае на развојот на фината моторика. Се подобрува и координацијата на движењата, како и рамнотежата, бидејќи како што знаеме, песокот не е исто што и тврдата површина.

Ја проширува фантазијата

Со играњето во песок, детската фантазија и креативност достигнуваат највисоко ниво. Дали ќе пишуваат или цртаат на песокот, или пак, ќе градат замоци и ќе копаат канали и тунели? За што и да се одлучи детето, ќе вложи одредена доза на планирање и движење. Играчките кои притоа ги користи само го надополнуваат целото доживување и поттикнуваат на понатамошна креативност и разработка на играта.

Помага во изразувањето емоции

Песокот е позната метода за терапија за децата со моторно нарушување, децата со одреден вид на потешкотии или пак, оние кои доживеале некоја траума. Со оглед на тоа дека играта со песок нема ограничувања, туку релаксира и делува смирувачко, па и поттикнува на исфрлање на негативните емоции, одлична е и за децата кои немаат никакви проблеми.

Со помош на таквите игри, децата имаат можност невербално да се изразат, да се смират и опуштат.

Се унапредува социјалната интеракција

Да се игра во песок значи да се игра на отворено, што е одлична можност за детето да запознае други деца. Песокот е одлична играчка бидејќи го има во големи количини. Ако добро се постават темелите на играта, децата воглавно заедно ќе соработуваат во изградбата, ќе го развиваат говорот, ќе се дружат, ќе планираат, а воедно и ќе се забавуваат.

Детето од ваквата игра ќе научи уште корисни работи, како на пример, да дели играчки, да се менува, да го чека својот ред за да добие некои од предметите и што е најдобро, сето тоа ќе го учи во пракса и преку игра, а не од книги.

Развива концентрација и внимание

Децата денес потешко се концентрираат, а помалку работи може да им го задржат вниманието на подолго време. За тоа, главна причина, како што се верува, се разновидните гаџети кои ги имаат во рацете и кои им го одвлекуваат вниманието од сите други активности.

Песокот нуди смирување, опуштање, како и различни можности за креативно играње. Играњето на песок позитивно влијае и на децата на кои ништо не им е претерано интересно. Во песокот наоѓаат начин да се релаксираат, а играта постојано нуди нови можности, па не им е здодевно и одбивно. Играјќи и планирајќи ја градбата на тунелите, мостовите и слично, ја подобруваат својата концентрација и внимание.

Влијае позитивно на когнитивниот развој

Песокот е непрегледна плоча по која детето може да пишува букви, да црта форми, бројки…на тој начин учи, совладува нови вештини и решава проблеми, што влијае позитивно на неговиот когнитивен развој. На многу деца им е одбивно да пишуваат на хартија, не сакаат да земат молив или пенкало в раце, ниту правилно го држат, лесно се обесхрабрени, но пишувањето по песок е сосема друга приказна, бидејќи го доживуваат како игра и затоа радо се препуштаат на тој начин на играње.

Гради имунитет

Научниците тврдат дека децата кои почесто играат надвор, на трева или во песок, често се поотпорни и поздрави од оние кои растат дома во контролирана и секогаш чиста средина. Малку нечистотија е добра за градењето на имунитетот, кој вашето дете ќе го направи поотпорно на било која болест.

Автор: Сања Бубало

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top