Кон крајот на мојата бременост со близнаците сакав само да лежам на грб. Реченицата: „Спиј сега бидејќи повеќе никогаш нема да спиеш“ за мене не важеше – не ми беше удобно спиењето на страна, а бидејќи тоа е единствениот начин на кој бремените жени треба да спијат, јас воопшто не спиев. Но, не сум единствената мајка што морала да се справи со овој проблем.

Препораката дека спиењето на страна (особено од левата страна) е најбезбедната опција во текот на бременоста е прилично позната, а ризикот од спиење на стомак во текот на бременоста се чини очигледен.

Но, зошто левата страна е подобра од десната?

Според Американската асоцијација за бременост, постојат неколку проблеми што можат да се појават ако бремените жени спијат на грб – од болки во грбот до посериозни, како низок крвен притисок.

Посериозни проблеми од спиењето на грб произлегуваат од тежината на вашиот стомак врз цревата и големите крвни садови, со што би можела да се намали циркулацијата на вашето бебе. Истражување од Сиднеј од 2015 година укажува на тоа дека спиењето на стомак може да ги зголеми шансите за мртвородено бебе. Истражување од 2017 година од Универзитетот во Окланд пронашло слична корелација. Оваа година истражување од Универзитетот во Хадерсфилд пронашло корелација помеѓу спиењето на грб по 28. недела од бременоста и мртвородените деца.

Тоа се прилично релевантни причини да не спиете на грб сè додека не се породите. Но, дали тоа значи дека веднаш треба да ја промените вашата позиција на спиење? Не е неопходно до моментот кога вашето бебе не стане поголемо. Тогаш, разговарајте со вашиот лекар и тој најдобро ќе ви каже.

Кога станува збор за бременоста, левата страна е правилната позиција за спиење, барем според многу експерти. Според информации од лекар од „Кидс хелт“, спиењето на лева страна спречува тежината да стигне до црниот дроб (кој се наоѓа од десната страна на телото) и го подобрува протокот на крв и циркулацијата до главните органи. Сепак, истражувачите од Универзитетот во Хадерсфилд не пронашле причина за да веруваат дека постои разлика во ризикот за мртвороденче ако спиете на левата, а не на десната страна.

Ако спиењето на десната страна ви е поудобно, тогаш добро би било да се советувате со вашиот доктор – но, доколку можете, најдобро би било да се приспособите и да спиете на вашата лева страна.



912

X