Новороденчето сè уште не знае кое е непознато лице, ужива во прегратките, се насмевнува и ретко ја разликува прегратката од мајката, таткото или тетката. На три месеци бебето веќе поинаку гледа на светот околу него и може да прави разлика помеѓу лицето на родителите и личноста што никогаш претходно не ја видело. Сепак, повеќето бебиња го чувствуваат стравот од странци само кога имаат околу седум или осум месеци. Некои бебиња се почувствителни и бурно реагираат кога ќе видат некого, додека други се плашат ако некој им пријде или ги допре. Бебињата што се навикнати на чести посети побрзо се навикнуваат и полесно прифаќаат непознати лица, па оваа фаза обично им трае многу кратко.

Дали стравот од непознатото е нормална појава?

Стравот од непознати луѓе е сосема нормална појава и најчесто се јавува неочекувано и ненадејно. Бебето одеднаш се плаши од непознати, ја врти главата и се прилепува за мајката. Некогаш бебето се плаши од луѓе што ги видело претходно, па дури и од блиски луѓе (баби и дедовци или соседи) што ги нема видено две или три недели. Обично овој страв исчезнува сам од себе, како што се појавил, бидејќи бебето едноставно го надраснува.

Зошто бебето одеднаш се плаши од луѓе?

Некои научници ги објаснуваат бурните реакции на бебето кога гледа непознати лица со тоа што бебето, всушност, покажува страв само кога може да спореди нешто што знае или препознава, со нешто што му е непознато, или поточно, дека не препознава. Како што расте малечкото, тоа подобро може да разликува познати од непознати лица, а сѐ повеќе се плаши од оние што не ги препознава. Во еден момент (околу осмиот месец) стравот доживува кулминација, а потоа постепено исчезнува.

Исто така, постојат научници кои тврдат дека бебето чувствува страв од непознати затоа што ги доживува како потенцијална закана, или поточно чувствува опасност и закана. Сепак, и покрај различните теории, не постои точно објаснување зошто се појавува стравот, ниту може да се предвиди како ќе реагира бебето.

Како да му го олесните овој период на бебето:

– Секогаш бидете блиску до бебето кога до него има непознати луѓе, бидејќи може да се случи реакцијата на бебето да биде многу бурна, особено ако родителите не се до него.

– Покажете му на бебето дека новите луѓе се добронамерни. Кога ќе се поздравите топло, со насмевка и ако гласот ви е мирен, детето помалку ќе се плаши, но запомнете дека понекогаш ни тоа не е добро решение, особено ако бебето е пречувствително.

– Предупредете ги новите луѓе внимателно да му пристапат на бебето, но да не го допираат. Потоа набљудувајте ги неговите реакции, ако плаче и изгледа исплашено, кажете им да почекаат малку да се опушти бебето.

Автор: Ема Јуриќ

Извор



912

X