Дали некогаш сте го ставиле вашето насмеано бебенце на стомакот врз површината за играње, опкружено со играчки за да го стимулираат неговиот ум, а тоа веднаш почнало да плаче и да протестира? Ако е така, тогаш сигурно се прашувате зошто бебето се фрустрира кога е поставено на своето стомаче. Би требало да му биде забавно, кога е така опкружено со играчките. Всушност бебето извршува многу важна работа при лежењето на стомак, вели д-р Сара Шафер, педијатар во национална детска болница во САД.

– Времето поминато на стомак додека бебето е будно е важно за развој на моторните вештини кои доведуваат до седење, превртување и лазење. Исто така, се намалува ризикот од брахицефалија, или израмнување на главата што е поврзано со спиењето на грб – вели таа.

Иако е круцијално за развојот на бебето, времето поминато на стомак често предизвикува солзи и фрустрација од неколку причини. Најмногу затоа што тоа е работа за детето.

– Времето поминато на стомаче е тешка работа за детето. Се работи за активирање на мускулите спроти гравитацијата, исто како и стресот кој се чувствува кога кревате тегови додека вежбате. Како дополнување на тоа колкава тешкотија им претставува на децата, се јавува и иритација кај нив бидејќи не се позиционирани како што тие сакаат.

– Бебињата не се навикнати да бидат поставени на стомакот, па затоа плачат или се бунат. Исто така, се фрустрираат ако на тој начин не можат да дофатат некоја од играчките што ги интересира – вели д-р Шафер.

Мојот најстар син сака да биде во нечии раце. Иако сакам да се галам со него цело време, знам и дека е важно за него да се истегнува и да се движи. Но, секогаш кога ќе го спуштам на неговото стомаче, тој веднаш плаче. За жал, неговата реакција не е само фрустрација, туку кај него беше дијагностициран и рефлукс кога имаше само 4 месеци. Некои деца, како и мојот син, може да имаат и здравствени проблеми кои дополнително ја отежнуваат ситуацијата, но за среќа тоа лесно се решава.

Д-р Талиа Леви, педијатар во детската болница, вели дека ако вашето малечко е фрустрирано додека лежи на стомак, експертите се согласуваат дека има неколку трикови со кои може да го убедите да постои во таа положба одредено време. „Поделете го времето поминато лежејќи на стомак на неколку пократки сесии и стимулирајте го детето на тој начин што ќе лежите и вие на подот пред него за да ви го гледа лицето“, вели педијатарот д-р Витни Касарес.

„Кога бебето ќе почне да се фрустрира, поместете го во различна положба пред повторно да го легнете на стомак“.

Иако може да мислите дека времето поминато во лежечка положба на стомак е наменето само за на ќебе или површина за играње, сепак, можете тоа да го применувате и на други места. „Може и да го носите детето в раце свртено кон вас – гради кон гради. Секоја активност што предизвикува бебето да ги развива горните мускули на грбот и рамената ќе помогне во нивното зајакнување. Не заборавајте и на постарите браќа и сестри. Охрабрувајте ги да легнуваат на стомак за да му помогнат на помалото дете во истата активност“, велат експертите.

Ако бебето постојано се фрустрира поради оваа активност, некогаш е во ред да паузирате.

„Во ред е да го поставите детето во различна позиција кога му е доволно. Со текот на времето ќе може да толерира подолги периоди поминати во таа положба“.

Автор: Ешли Џоунс

Извор



912

X