Здравје

Бебињата сакаат да спијат на градите на мама или тато, еве зошто

Бебињата живеат девет месеци во сосема безбедна и удобна средина, сместени во стомакот на мајката. Кога ќе се родат, потребно им е приспособување на надворешниот свет, кое трае во првите три месеци од нивниот живот. И токму во овој период, тие се најмирни кога ќе ја почувствуваат вашата близина, а најлесно заспиваат ако ги легнете на вашите гради и нежно им кажете нешто, или им потпевнувате со тивок и нежен глас.

Многу луѓе си го поставуваат прашањето – дали е безбедно новороденчињата да спијат на своите родители? Педијатарот Жан Мурјани вели дека нема причина за грижа доколку родителот е буден и не е толку изморен за да не заспие и тој со бебето. Всушност, фактот што бебето спие на вас може да донесе многу придобивки.

Зошто бебето сака да спие на вашите гради?

Постојат неколку причини зошто е сосема природно вашето бебе најмирно да спие на вашите гради – и зошто тоа толку многу му се допаѓа. Спиењето на градите на будните родители го смирува бебето. „Се работи за интуитивен контакт кој го теши бебето“, објаснува педијатарот. „Контактот кожа на кожа го загрева бебето и прави да се чувствува безбедно. Спиењето на градите на родителите му влијае на бебето исто како и повивањето.

Има уште една причина зошто бебињата сакаат да спијат на вашите гради: тие го слушаат чукањето на вашето срце и тоа ги потсетува на утробата. „Ова ја создава атмосферата од утробата каде што пулсот на мајката бил примарен и постојан звук што го слушал бебето“, тврди педијатарот Никол Портер.

Зошто е добро бебето да спие на вас?

Како прво, ова е најлесниот и најбрз начин за да заспие бебето, само вие треба да му бидете на располагање. За бебето да заспие, важно е да се чувствува утешно и безбедно и така долго ќе спие. Во лежечка положба, додека лежат на вас, го слушаат вашето дишење и чукање на срцето, што ги потсетува на безбедните девет месеци од нивниот живот поминати во утробата.

Освен тоа, бидејќи на бебињата им треба допир и физички контакт, колку повеќе време поминувате држејќи ги (кога сте будни) и гушкајќи ги, толку подобро за нив. Станува збор за поврзување со бебето, што е од клучно значење во оваа фаза од раното детство. Колку подлабоко се поврзува родителот со бебето, толку полесно „толерира“ некои од проблемите што доаѓаат како резултат на недостигот на сон.

Иако има предности бебето да спие на градите на родителите, педијатрите предупредуваат дека тоа треба да го правите само кога сте сигурни дека нема да заспиете. Доколку сте уморни и исцрпени, подобро е само да го заспиете бебето и да го префрлите во креветче, се разбира, во положба легнато на грбот. Зашто, најбезбеден сон за бебето е кога лежи на рамна и чиста површина (без ќебиња, перници и кадифени играчки), и тоа на грб.

Автор: Сања Маташиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top