Развојот на бебето во првата година од животот е многу интензивен, па не е чудно што родителите внимаваат на секоја ситница за да не пропуштат нешто. Затоа понекогаш мајките и татковците се загрижени кога ќе забележат дека бебето го стега телото кога го креваат в раце или кога возбудено или вознемирено.

Бебињата можат да го напрегаат и долниот дел од телото кога вршат голема нужда, особено ако имаат тврда столица. И кога имаат колики, некои бебиња ги влечат и ги стегаат рацете и нозете, ги стегаат стомаците и ги стискаат тупаниците.

Бебето понекогаш може да се напне додека учи да ги користи и контролира своите мускули. Кога станува збор за малку постари бебиња, тие можат да одолеат на нешто на овој начин, како на пример кога сакате да им ја смените пелената, а го стегаат телото затоа што не сакаат тоа во моментот да се случува, или да речеме, да седнат во автомобилско седиште.

Сите овие ситуации се сосема нормални, но во некои случаи и затегнатоста на телото може да укаже на проблем.

Што е хипертонија (хипертонус)

Хипертонусот е состојба кога мускулите на бебето се вкочанети, крути и потешки за контролирање и движење. Настанува поради оштетување на деловите на мозокот и ‘рбетниот мозок кои го контролираат движењето на мускулите.

Имено, мускулите на бебето треба да се собираат за да го придвижат телото и да седи исправено, но мускулите кои постојано се стегаат се помалку флексибилни. Често се случува хипертонусот да влијае врз мускулите на рацете, нозете и вратот кај бебињата.

Она што е забележливо е дека овие малечки се движат на поинаков начин, бидејќи имаат ограничен опсег на движење во зглобовите. Ова може да доведе до проблеми со одење, рамнотежа и фрлање на предметите што ги земаат.

Постојат два вида хипертонија, спастична, што подразбира дека грчеви во мускулите се јавуваат кога бебето се движи, и диспастична хипертонија, кај која мускулите се секогаш затегнати, без разлика дали детето се движи или одмара.

Симптоми на хипертонија кај бебињата

Вкочанетоста на мускулите е главниот симптом на хипертонијата, а каде се јавува оваа вкочанетост и колку е тешка, зависи од причината.

Во принцип, дете со хипертонија може да:

-Има тешкотии со движењето на зглобовите, особено на зглобовите на рацете, нозете или на вратот.
-Има помал опсег на движење.
-Почесто губи рамнотежа и паѓа.
-Чувствува болка во мускулите.
-Ги грчи рацете или нозете.

Кај тешките форми на хипертонус, зглобовите може да се „замрзнат“ и оваа состојба се нарекува контрактура, а тоа значи дека бебето може малку или воопшто не може да го поместува зафатениот дел од телото.

Причини за хипертонус кај бебињата

Кога бебето сака да го придвижи телото, сигналите патуваат од нервниот систем (од мозокот и ‘рбетниот мозок) до нервите, кои испраќаат инструкции до мускулите да се затегнат или опуштат. Повредите на мозокот или ‘рбетниот мозок може да ги спречат овие сигнали да стигнат до нервите.

Кај хипертоничноста, мускулите на бебето не добиваат сигнал за опуштање, туку остануваат затегнати. Можни причини за хипертонија кај бебињата се:

-Недостиг на кислород за време на породувањето
-Повреда на главата
-Тумор на мозокот
-Изложеност на одредени хемикалии кои влијаат врз мозокот
-Проблеми со развојот на мозокот кои се јавуваат во утробата.

Други причини за затегнати мускули

Хипертонијата не е единствената причина за затегнување на телото на бебето, односно мускулите, а причина може да бидат и некои други медицински состојби.

Инфантилен спазам: Овие ретки напади се појавуваат како ненадејно сопирање на рацете, нозете или главата на бебето. Обично се појавува помеѓу четвртиот и седмиот месец од животот. Секој спазам трае секунда или две, а бебињата може да имаат и до стотина такви дневно. Лекувањето на оваа состојба е важно за да се спречат компликации, како што се епилепсија и доцнење во развојот.

Церебрална парализа: Оваа група на нарушувања влијае врз мозокот, а со тоа и врз способноста на бебето да ги контролира мускулите. Постојат неколку вида церебрална парализа, некои предизвикуваат неконтролирани движења, други доведуваат до проблеми со рамнотежата, а најчест тип е спастична церебрална парализа, која предизвикува вкочанетост на мускулите.

Епилепсија: Тоа е мозочно нарушување во кое нервните клетки се активираат во необични модели, што доведува до напади. За време на напад, рацете и нозете на бебето може да се грчат или да се вкочанат, а лекарот со помош на ЕЕГ може да утврди дали се работи за епилептичен напад.

Кога вкочанетоста на мускулите на вашето бебе треба да ве загрижи

Ако вкочанетоста на мускулите се јавува само повремено, тоа веројатно не е причина за загриженост, но ако продолжи, најдобро е да побарате лекарска помош. Бебињата имаат некои необични однесувања кои ги загрижуваат родителите, но се сосема нормални – како тоа кога се „фрлаат“ наназад кога се вознемирени, но ако има проблем или доцнење во развојот, подобро е да го идентификувате што е можно порано за детето да ја добие потребната помош.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X