Истражувањата покажуваат дека 70 проценти од децата во САД престануваат да спортуваат на својата 13-та година. Дали причината е здосадување од спортот или, пак, нешто друго?

Објаснувањето е далеку покомплицирано и е последица на економски, културни и организациски фактори. Токму поради комбинацијата на тие фактори, децата го напуштаат спортувањето, токму кога им е најпотребно, односно кога би имале најмногу корист. Имено, спортот е добар и за физичкото и за психичкото здравје на детето, му нуди можност да почувствува успех, но и пораз, а и да научи за последиците од носењето лични одлуки и избори. Тука спаѓа и припадноста на тимот, која е добра за социјализација и развој на карактерот, па детето е посветено и на нешто друго освен на ТВ-екраните и игрите.

Но, кога сето тоа престанува да му биде интересно на детето и што претставува пречка кога ќе ја наполни 13-тата година?

Не е интересно бидејќи е смислено да не биде така

Како што децата се приближуваат кон средношколската возраст, составот на спортот се насочува кон натпреварувачките и амбициозни играчи и нивните потреби. Очекувањата полека се зголемуваат. Обично за децата што се откажуваат пред 13-тата година се смета дека се  неталентирани и го достигнале својот максимум. Оние, пак, што продолжуваат, набрзо сфаќаат дека е потребна голема посветеност и дека обврските кон спортот се зголемуваат. Сето тоа придонесува детето да биде опкружено со луѓе кои се надеваат на некој вид успех. Од тренерот до родителите. Затоа, кога ќе дојде разочарувањето, а секогаш доаѓа, ќе биде поголемо. Но, тоа не е погрешно, а детето се учи на предаденост, напорна работа, отпорност и го гради сопствениот карактер.

Општеството не поддржува постари деца што играат „само заради забава“

Родителите денес чувствуваат притисок да израснат успешни деца, што значи да очекуваат од нив да бидат најдобри. Ако во нешто не се добри, треба да ги избришат поразите и да се насочат кон нешто во кое ќе бидат најдобри. Така, ако детето тренира фудбал во клуб и не постигнува значајни резултати, веројатно помислува дека дошло време за откажување бидејќи не може да прејде на тоа повисоко ниво.

Децата се поттикнуваат да се специјализираат за нешто и да постигнат најмногу во таа област

Сè повеќе и повеќе децата се притискаат да ја најдат својата страст и во таа област да напредуваат. Секако дека има деца што ќе го постигнат тоа, но не би требало тоа да биде задача. Се појавуваат многу противници на овој став бидејќи тоа би значело дека детето треба што побрзо да одбере што го интересира и да открие во што е добро, па да специјализира во таа област, било да се работи за уметност, музика, спорт и друго, додека другите интереси во животот треба да ги остави настрана.

 

Се развива и штетна основна порака, а таа е дека детето може или да успее или не, што за детската самодоверба не е добро. Но, околината се менува и родителите и тренерите сè повеќе се насочени кон резултатите, а помалку кон спортот како начин за рекреација и забава. На крајот, децата, особено кога ќе станат тинејџери, често паѓаат во депресија и стануваат анксиозни ако не успеат да ги исполнат очекувањата, а тоа е да бидат најдобри.

За успехот треба да се плати одредена цена

Да се биде најдобар во нешто не е едноставно и бара одрекување од многу работи. Скапо е, и тоа на повеќе нивоа отколку само на финансиско. Распоредите на децата најчесто се насочени кон одредени активности, имаат многу малку слободно време, а социјалниот живот им е ограничен. Покрај тоа, се јавува и притисок на повеќе нивоа, што може да биде и добро и лошо, во зависност од средината во која живее детето. Но, многу семејства не се подготвени да ја платат цената на сериозниот спортски живот бидејќи тоа значи одрекување за сите нив. Многу тренинзи, купување скапа опрема, турнири и патувања кои се сметаат за задолжителни. Се доаѓа до заклучокот: родителите со ниски приходи или семејствата со самохран родител најчесто излегуваат од игра.

Самата возраст е предизвик

Тринаесеттата година е чувствителна доба. Најмногу на училиштен план бидејќи детето тогаш треба повеќе да се посвети на учењето. На таа возраст многумина и откриваат што ги интересира, а дознаваат дека имаат и сè помалку време за себе во споредба со порано. Тоа е време и на општествени и емоционални промени, кога децата постојано се губат помеѓу високите очекувања и недостигот на самодоверба. Некои дури и ги напуштаат спортските клубови заради пријателите, бидејќи сакаат да го задржат друштвото и да се чувствуваат прифатено. Тука се и друштвените мрежи, на кои децата се секојдневно присутни.

Биди најдобар или исчезни

Тука е и нашата култура која со години се менувала и приспособувала. Денес таа поттикнува специјализација, усовршување и извонредност во одредено поле. Кога ѝ припаѓаш на „елитата“, тогаш сите врати се отворени и успехот е загарантиран. Сè друго води кон просечност. Не се поттикнуваат децата да истражуваат повеќе нови работи, туку да бидат најдобри во една. Наместо на родителите да им биде приоритет израснување на здрави и среќни деца, тие поттикнуваат натпреварување, наградуваат само извонредност и упатуваат пофалби само кога се бележат успеси. Додека околината и родителите се такви, мала е шансата дека нешто ќе се промени по тоа прашање.



912

X