ТВ-серијата „Зоки Поки“ продолжува да ја освојува Скандинавија. По најавата за емитувањето во Шведска, пристига и најава за емитување во Норвешка, на Норвешката национална телевизија NRK.

NRK е јавен сервис, но и најгледана телевизија во Норвешка. Од медиумот велат дека речиси секој жител на Норвешка користи барем еден од нивните сервиси во текот на денот. За „Зоки Поки“, тоа значи потенцијал за широка гледаност.

Претстојното емитување на „Зоки Поки“ во Шведска и во Норвешка е од историско значење за македонската кинематографија. Досега немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете земји во Скандинавија.

Заслугата за емитувањето во овие две земји е на дистрибутерот „Videoplugger“ од Лондон, кој го препозна интернационалниот потенцијал на серијата.

– Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. Емитувањето на NRK, сервис кој е светски познат по квалитетот на продукциите, е доказ за тоа дека бевме во право и дека „Зоки Поки“ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници – вели Емануеле Галони, извршен директор на „Videoplugger“.

– Кога првпат ја гледав „Зоки Поки“, бев прилично сигурен дека ова ќе биде соодветна серија за NRK. Приказните од Северна Македонија имаа универзален карактер и мислам дека децата од Норвешка ќе се поврзат со нив. Тие се топли и смешни, кастингот е одличен, а квалитетот на продукцијата е навистина добар – вели Кор Снипсејр, директор за набавка на програма во NRK.

– Многу сум возбуден што „Зоки Поки“ ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите што ги обработува, кои се интересни за децата од целиот свет. Емитувањето на „Зоки Поки“ на NRK е огромен успех за мојата продукција и за македонската кинематографија – вели продуцентот Роберт Насков.

Приказната за Зоки Поки има во себе еден заборавен свет на вредности кои во нашето детство беа секојдневие.
– Серијата зрачи со топлина и сигурност. Ме потсеќа на времето кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубавиот свет за секое дете – додава режисерот Александар Поповски.

Марија Апчевска вели дека е горда и благодарна за препознавањето на квалитетот, но и за пошироката, меѓународна димензија што „Зоки Поки“ ќе ја добие со ова емитување.
-За мене, како режисерка, остварување на сонот е што уште многу генерации на деца ќе растат со оваа серија – вели таа.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки, и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите – Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на официјалната веб-страница на серијата.



912

X