Веб-страницата „Родители“ пренесува дека загриженоста за менталното здравје на детето треба да се пренесе на педијатарот. „Често зборуваме за тие грижи како за предупредувања“, објаснува психијатарот Рахил Бригс, национален директор на „Здрави чекори“, додавајќи: „Тие не мора нужно да бидат сигнали на клиничко нарушување, но може да бидат суптилни знаци за проблеми во развојот“.

Ова се однесувањата на кои треба да обрнете внимание:

Проблеми со сонот

Во текот на детството децата би требало да имаат по околу 10 часа сон во текот на ноќта. Децата со депресија понекогаш изгледаат претерано поспано и им се спие во невообичаени периоди од денот. На оние со тешкотии, нарушување на вниманието со хиперактивност или нарушување на расположението, често им се потребни часови за да заспијат и да се разбудат повеќе пати во текот на ноќта.

Болки во стомакот

Болките во стомакот се вообичаена тегоба, но честите болки што не можат да се објаснат со запек или нетолерантност на храна може да имаат психолошки корени. Истражувањата долго ги поврзувале хроничните тешкотии со гастроинтестиналниот систем кај децата со тегоби и депресија.

Опсесивни мисли или стравови

Кај децата што имаат тегоби, мислата станува толку повторувачка, што веќе прераснува во пречка во секојдневниот живот. Детето што се соочува опсесивно-компулсивно нарушување, може да има потреба неколку пати дневно да ги мие рацете, често во непријатни моменти, за да си ги олесни стравовите.

Стравовите, исто така, може да ја нарушат рутината. „Вообичаено, детето што било каснато од пчела може да ги избегнува пчелите, но и понатаму нормално ќе си игра“, вели д-р Керол Вицман, професорка по педијатрија на универзитетот „Јејл“, додавајќи: „Треба да се загрижиме кога детето поради страв од пчелите останува дома и кога целото семејство почнува да ги организира своите планови околу тоа – да избегнувате излети во парк или одење на базен“.

Незаинтересираност за забава

Децата се прилично страсни, но депресивното дете не се возбудува од многу работи. „Вообичаено е да се види неспособност за пронаоѓање радост, дури и во работите што некогаш му биле возбудливи“, вели д-р Џоан Луби, директорка на програмата за ран емоционален развој на медицинскиот факултет при Универзитетот „Вашингтон“.

Изливи на бес

Дневните изливи на агресија, деструктивно однесување и други знаци на абнормален интензитет може да бидат симптоми за нарушувања во расположението, депресија и други проблеми.

Грижа на совест

„Детето кое е склоно на депресија може да се чувствува лошо поради мали престапи и потребна му е голема количина на уверување за да се чувствува подобро“, вели д-р Луби. Неодамнешни истражувања покажале дека подрачјето на мозокот кое се нарекува предна инсула е помало од просекот кај децата што се склони на чувствување вина, како и кај депресивните возрасни лица, што укажува дека таа особина би можела да биде силен предзнак за подоцнежна депресија.

Црни мисли

Во истражувањето на д-р Луби за депресивни деца што одат во градинка, таа открила дека многумина се однесувале морбидно во текот на имагинарните игри. Самоповредувањето кај малите деца може да најавува проблем за во иднина.

Автор: Ана Дукиќ



912

X