Повеќето родители се трудат и даваат сè од себе за да им овозможат на своите деца безбеден дом полн со љубов и разбирање, но, за жал, постојат и исклучоци. Препознавањето на знаците дека сте живееле со токсичен татко може да ви помогне да се излекувате од минатите трауми, како и да избегнете повторување на овие грешки со вашите сопствени деца.

– Во контекст на родителството, зборот „токсичен“ значи дека родителите го попречуваат развојот на своето дете и му штетат – изјавила д-р Кели Кембел, професор по психологија на калифорнискиот државен универзитет во Сан Бернардино. Честопати овие родители доживеале занемарување или припаѓале на дисфункционално семејство додека растеле, а потоа продолжуваат да ги повторуваат овие однесувања и кога ги воспитуваат своите деца.

„Токсичните врски се обележани со непочитување и девалвација“, вели д-р Елизабет Доренс Хол. Тешко е да се чувствувате добро во врската со таа личност.

Експертите веруваат дека не сме осудени да го повторуваме однесувањето на нашите токсични родители

Познавањето на знаците на токсичното однесување и свесноста за сопствените постапки може многу да помогне во нивното коригирање. Дополнително, не мора да ѝ давате место на токсичната личност во вашиот подоцнежен живот.

„Воспоставувањето и одржувањето дистанца може да биде најздравиот избор во токсична врска која веројатно нема да се промени. Дистанцата може да биде физичка или психичка“, вели Хол. Таа ги разгледувала токсичните однесувања на мајките и татковците поединечно, а ова се некои од знаците на токсичниот татко.

Вашиот татко не ве почитува

Дали ви се чини дека никогаш нема да можете да ги исполните барањата на вашиот татко? „Кога некој постојано и намерно прави да се чувствувате помалку вредни, не ве почитува вас и вашиот живот, тоа е токсична врска“, вели Хол. Постои разлика помеѓу изразување вистинска грижа за вашата благосостојба и отфрлање на секој избор што ќе го направите.

Користи молчење за да ве повреди

Постојат многу здрави начини за решавање на конфликтот, а третманот со молчење не е еден од нив. „Додека многу тивки луѓе ја користат тишината за да се заштитат емоционално, има и такви што ја користат тишината за да манипулираат со другите и да ги казнуваат“, вели терапевтот Алексис Аулета. „Важно е да се знае разликата“, вели таа. Оние што свесно го користат молчењето како казна, го прават тоа за да ве повредат. „Молчењето се користи за психолошка контрола, казнување и манипулација со другите“, забележува Аулета.

Таткото користи закани

Заканите не се само знак за токсичен татко, туку се и неефикасни. Всушност, постојаните закани можат да ги наведат постарите деца да прибегнуваат кон несоодветно однесување, објаснува Аулета.

„Вербалната злоупотреба, заканите и одмаздата се некои од начините на кои токсичниот родител се обидува да го контролира и манипулира детето. Ова особено се случува кога детето старее и се обидува да стекне поголема независност. Кога динамиката на моќта е загрозена, токсичниот родител ќе користи тактики како што се закани и последици за да ја одржи контролата. Со текот на времето, детето може да почне да останува дома и да се чувствува немоќно, што го прави посклоно кон поризично однесување следниот пат, вели таа.

Таткото има проблем со злоупотреба на супстанции

Се чини дека таткото се менува во друга личност откако ќе се напие? Како што излегува, злоупотребата на алкохол е еден од потенцијалните знаци на токсичен родител. Проблемите со злоупотреба на супстанции може да влијаат врз способноста на лицето да биде родител. „Некои деца на токсични родители развиваат неприспособливи вештини за справување за да го преживеат своето детство“, вели Аулета. „Како што стареат децата, тие можат да се вклучат во високоризични однесувања во обид да избегаат од изворот на стрес или едноставно да се побунат против родителот кој контролира. За некои тоа може да биде поттик за развој на зависност“, објаснува таа.

Таткото не сака да пораснете

Треба да се слави напредокот на детето и неговото преземање самостојни чекори во животот. Во некои случаи, „родителот се обидува да го задржи детето да биде зависно дури и кога детето е или станува полнолетно“, вели Кембел. „Токсичниот родител ќе се обиде да го блокира природниот напредок кон независност“, забележува Аулета. „Тој ќе го охрабри, па дури и ќе бара неговото дете да остане зависно за да ја одржи контролата и доминацијата.

Таткото има насилни испади

Токсичната личност може редовно да доживува насилни испади, а потоа да вe обвини за вашата реакција, вели Аулета. „Тоа често е начин за токсичните луѓе да ја задржат контролата во односите, како и да ја заштитат сликата што ја имаат за себе како добра личност“, објаснува таа. „Ме натеравте да врескам“, „Да го направевте тоа што го кажав, ова немаше да се случи“, а слични изјави се примери за оправдување за агресија што ќе ги понуди токсичната личност. Овој тип на лош карактер е тотално деструктивен.

Таткото дава условна љубов

Во идеалниот случај, родителската љубов е безусловна. Но, во токсично сценарио, „родителот покажува одобрување или љубов само кога детето се усогласува со она што го сака тој“, вели Кембел. Нема простор да бидете свои. Таквата љубов може да се заработи и брзо да се одземе. „Условната љубов значи манипулирање и контролирање на другите преку искористување на нивниот копнеж за ваше прифаќање, пофалба и одобрување“, вели Аулета. „Кога родителот користи условна љубов, тој ги учи своите деца дека љубовта не е секогаш достапна за нив“.

Таткото предизвикува страв

Ако таткото користел страв како тактика за манипулација, тогаш ова е речиси сигурно знак за токсично родителство. Во обид да избегне вербално, психичко или понекогаш физичко малтретирање, детето ќе почне да учи што го нервира неговиот родител, а што не. Ова често може да доведе до состојба на хипербудност кај децата, која се пренесува во зрелоста и може негативно да влијае врз односите во иднина“, вели Аулета. Запомнете, стравот не е еднаков на љубов или почит.

Вашиот татко е нарцисоиден

Дури и по зрелоста, може да чувствувате дека потребите на вашиот татко се поголеми или многу поважни од вашите. Аулета вели дека некои нарцисоидни особини што може да ги покаже токсичниот татко вклучуваат доминација во разговорот, прекумерна или занемарена комуникација (како што се премногу или премалку повици или пораки), обвинување други за неговото однесување, ве тера да ги преиспитувате вашите одлуки или настапува со критикување на вашите избори, како и бомбардирање со изливи на љубов откако претходно ве малтретирал вербално, ментално или емоционално.

Вашиот татко е повлечен

Зборувајќи за неконтролираните нарцисоидни особини, нарцисоидните татковци кои се повлечени и оддалечени од своите деца веројатно не им ја дале топлината и грижата што им била потребна на децата. Ова е потенцијално штетно. „Ако ова постојано се случува, детето учи дека не може да се потпре на тој родител за топлина, поврзаност, заштита и љубов“, вели Аулета. „Приврзаноста помеѓу родителот и детето станува несигурна и нестабилна затоа што недостига доследна грижа и љубов. Често, тоа е резултат на тоа што самиот родител доживеал такво однесување од неговите родители, а потоа го продолжува генерацискиот циклус.

Премногу контрола

Дали татко ви го следеше секој ваш потег? Според една студија од 2013 година објавена во „Журнал за студии за деца и семејства“, родителите кои прекумерно ги контролираат своите деца може да предизвикаат децата да доживеат повисоки нивоа на депресија и незадоволство. Ако ова ви звучи премногу познато, можеби ќе сакате да побарате помош или поддршка.

Препознавањето на знаците на токсичен родител може да ви помогне да одредите дали сте живееле низ таков однос, но и да го прекинете тој циклус со вашите деца. Најдобар начин да ја процените и подобрите личната семејна динамика е да најдете добар терапевт кој може да ви помогне да се движите и да се справувате со ситуацијата.

Извор



912

X