Ниту едно дете не е совршено. Повеќето родители, во одреден момент, виделе дека нивното дете е дрско или злобно кон другите деца. Но, ако сте загрижени дека вашите деца би можеле да бидат насилници на училиште затоа што имаат навика да ги понижуваат другите, постојат некои суптилни знаци на кои треба да внимавате, а укажуваат на примена на малтретирање врз другите.

Можеби во минатото сте добиле телефонски повик од училиштето на вашето дете. Вашиот син турнал друго дете со лицето во чинијата со тестенини додека биле на ручек. Детето било укорено, но повторно западнало во неволја. Или сте виделе дека вашата ќерка на роденденска забава им кажува навредливи работи на другите девојчиња.

Сигурно си мислите: „Не, ова не е можно“. Но, за жал, некогаш тоа е реалноста. Ова се пет болни знаци кои укажуваат на тоа дека вашето дете е насилникот во училницата:

Недостиг на емпатија кон другите

Забележувате дека вашето дете не се обидува да се стави на местото на другите луѓе. Детето не покажува разбирање за другите или емпатија и не размислува за нив. Често ги обвинува другите и има тенденција да не презема одговорност за своите постапки. Овој недостиг на емпатија може да биде знак дека вашето дете е насилник.

Опседнатост да се вклопи

Некои деца се многу свесни за социјалната хиерархија и социјалниот статус. Така, тие чувствуваат огромен притисок да се вклопат. Може да се обидат да управуваат и да ја имаат контролата во свои раце, а и да бидат опседнати со нивниот социјален имиџ и социјалните медиуми. Исто така, може премногу време да поминуваат грижејќи се за тоа како се перцепирани од околината. Ова може да го натера вашето дете да направи избор за да се вклопи, па да се претвори во насилник, иако тоа не го сака.

Претходни искуства со гнев, насилство или малтретирање

Вашето дете доживеало и било сведок на малтретирање, насилство, гнев и казнување. Така, гледа на агресијата и на казнувањето како на одговор на неговите проблеми. Бидејќи вашето дете било жртва или доживеало неправда, или сведочело како возрасните користат агресивно однесување, тоа може да се насочи кон агресијата и да ја користи како своја реакција. Можеби тоа не е неговата намера. Како родител, можете да му помогнете да најде друг начин.

Склоност да ги понижува другите луѓе

Забележувате дека вашето дете има тенденција да ги понижува другите. Им укажува на недостатоците на другите, се шегува со нив и ги навредува. Ниската самодоверба, стравот, па дури и чувството на преоптоварување може да направат некои деца да ги омаловажуваат и да ги понижуваат другите. Ова е знак дека на вашето дете му треба вашата помош да се чувствува подобро за себе, за да не прибегнува кон малтретирање на другите.

Повторливи проблеми со однесувањето

Вашето дете се бори да ги контролира своите емоции. Има историја на проблеми со однесувањето и забележувате дека и неговите пријатели ги споделуваат овие карактеристики. Проблемите во однесувањето би можеле да значат дека вашето дете нема намера да ги применува активностите што ги презема. Наместо тоа, детето е импулсивно за време на тепачките, што го наведува да се однесува како насилник.

Силеџиството е сложено прашање и родителите не се виновни.

Никој никогаш не мисли за себе како за родител на насилник; ниту пак некој родител сака неговото дете да биде насилно кон другите. Поминуваме многу време размислувајќи за оние што се малтретирани, но како родители, едно од најосамените искуства за нас е да се биде мајка или татко на дете за кое се сомневаме дека малтретира други деца и не знае каде да се обрати или што да прави по тој повод.

Децата што се свртуваат кон малтретирање на други лица честопати не сакаат да бидат сурови, но се случуваат работи што може да доведат до тоа на крајот да ги понижуваат другите. Тоа може да биде нивната ниска самодоверба, проблемите дома, импулсивноста, лошите односи и поврзаноста со другите, слабата контрола врз нивните емоции, социјална непријатност, очајна потреба да се вклопат, нивното искуство со постојани казни, сведочење на насилство или агресија или борби на училиште.

Да се биде агресивен може да стане доживотна шема што ќе ѝ наштети на иднината на вашето дете. Дел од тоа да се биде родител е и примена на улогата на детектив и обидот да откриете што му треба на вашето дете од многу малите знаци што детето ги покажува. Ако вашето дете станува насилник, можете да помогнете со тоа што ќе ги забележите споменатите пет знаци кај детето. Како родител, можете да им помогнете на децата да се подобрат и да усвојат подобро однесување, така што понижувањето на другите нема да стане животна навика.

Автор: Каролин Мегваер

Извор



912

X