Дале сте знаеле дека 80% од работите што децата ги учат на училиште ги усвојуваат визуелно? Тоа во практика значи дека ако вашето дете има проблеми со видот, тоа може негативно да влијае врз неговата способност за учење и севкупниот развој. Затоа, научете ги првите знаци на кои треба да обратите внимание и да реагирате навреме:

Детето често ги трие очите

Вистина е дека децата често ги тријат очите кога се уморни или кога се вознемирени. Но, ако детето ги трие очите во моменти кога се обидува да се концентрира на нешто или кога е активно, тоа може да значи дека има проблеми со видот.

Детето секогаш седи блиску до телевизорот или премногу ја доближува книгата до себе

Кога детето премногу се доближува до телевизорот, родителите најпрво се загрижени дека така може да си ги расипе очите. Но, оваа навика може да биде и знак дека детето веќе има проблем. Истото се случува и со други предмети во кои гледа, особено со книгите што ги чита, па затоа треба да се провери неговиот вид.
Обидете се да установите дали јасно ги гледа сликите и буквите бидејќи, ако не е така, ова може да биде знак и за слобовидност.

Д-р Миодраг Љутица, детски офталмолог, вели дека слабовидноста (амблиопијата) може да се детектира на многу рана возраст, со преглед кај страболог или педијатриски офталмолог, а врз база на објективен наод на детското очно дно, тестови на кривогледост и слабовидност, како и објективно утврден диоптриски статус.

– Што се однесува до слабовидноста, важи правилото дека колку што е поинтензивно заматувањето, толку слабовидноста е од поголем степен, но исто важи и правилото дека колку порано се дијагностицира и се почне лекувањето, толку резултатите од лекувањето на слабовидноста ќе бидат подобри – додава д-р Љутица, објаснувајќи дека обезбедувањето јасна слика со препишување очила и/или воведување затворање на доминантното око (форсирајќи го на тој начин слабовидното око) се основа за лекување на слабовидноста.

Детето го губи текот при читањето или користи прст за да ги води очите при читањето

Кога децата учат да читаат и да ги изговараат зборовите, тие често го користат прстот за да следат до каде се. Но, со текот на времето би требало да се фокусираат за да не го изгубат текот. Ако и покрај течното читање вашето дете сѐ уште го користи прстот, обидете се да го тестирате и побарајте од него да чита без следење на зборовите со прст. Ако проблемите се евидентни, детето можеби има проблеми со видот.

Детето е пречувствително на светлина и/или премногу му солзат очите

Важно е да обрнете внимание и да знаете дека пречувствителноста на светлина може да биде симптом на неколку проблеми со видот. Исто така, фотофобијата или претераната чувствителност на светлина кај децата може да предизвика чувство на мачнина или главоболка. Овој проблем се отсликува со пречувствителност на детето на внатрешно (вештачко) осветлување, на сонце, на блицеви од фотоапарати и слично.

Детето го затвора едното око за да чита или да гледа телевизија

Честото затворање на едното око може да укажува и на рефракторни аномалии на окото кои создаваат пречки при способноста двете очи заедно да работат како тим. Ако детето често го затвора едното око за да се концентрира на гледање, треба да се провери видот бидејќи детето можеби е кривогледо.
– Секој објект што го гледаме, го гледаме еднакво со левото и десното око, и тие слики се пренесуваат во мозокот и од нив се формира трета, тродимензионална слика. Значи, нашиот мозок има способност за спојување на две поединечни слики, што е предуслов за спојување на две единечни слики како способност за добар бинокуларен вид. Стереовидот (стереоскопскиот вид) е трет степен на бинокуларноста и е одговорен за стереоскопското или тродимензионалното гледање (3Д). Бинакуларниот вид се развива во раното детство (меѓу 2. и 6. месец) и паралелната положба на видните оски на оваа возраст се основа за неговиот развој. Секоја неправилна положба на окото (кривогледост) по оваа возраст бара преглед кај страболог (офталмолог кој се занимава со лекување на кривогледоста и слабовидноста) – објаснува д-р Љутица.

Детето избегнува да користи компјутер бидејќи го „болат очите“

Дигиталното напрегање на очите е вообичаена појава кај децата што често користат компјутер или други електронски уреди. Ако вашето дете има ваков проблем, би било добро да се одмара на секои 20 минути. Ако непријатноста продолжува, посетете лекар.

Како да се подготват децата за испитување на острината на видот?

За детето да покаже како гледа, неколку недели пред договорениот преглед треба низ игра да се научи на одредени симболи за тестирање на видот.
Примери:
Буквата „Е“: детето треба со прсти да се научи да ја покажува страната кон која се насочени краците на буквата (нагоре, надолу, налево, надесно!)
Рејтова табела (Wright’s chart): научете го детето на овие симболи, користејќи боенка или други начини.

Календар на очни прегледи:
При раѓањето се прегледуваат:
* сите предвремено родени деца (помали од 35 недели или со телесна тежина под 1.500 грама).
* децата родени во термин, а кај кои недостига црвен рефлекс.

На 6 месеци мора да се направи очен преглед ако е присутна кривогледост (неправилна положба на очите) кај детето.
Со наполнета една година задолжителен е прегледот:
* ако во семејството постои кривогледост, слабовидност, како и при посериозни очни болести;
* кај децата чии родители имаат посериозен диоптриски статус (висока кратковидост или далекувидост) или разлика од 1Д меѓу очите.

Сите деца се прегледуваат меѓу втората и четвртата година од животот и пред поаѓањето на училиште. На подоцнежна возраст очниот преглед се работи во зависност од претходно констатираниот наод, односно во договор со офталмологот.



912

X