„Кога ќе пораснам, ќе имам авион. Зар не би било прекрасно да можеш да одлеташ секаде каде што ќе посакаш?“
„Многу ли би сакал да леташ?“ прашала мачката.
„Секако. Кога би можел да летам, би можел да сторам сè.“
Вака почнува една прераскажана приказна за еден татко чие име е Елмер Елеватор, кој кога бил мало момче, згрижил и нахранил една стара и накисната, многу разговорлива мачка, во еден студен и дождлив ден.
Доколку негодувате како е можно една мачка да умее да зборува, бидете трпеливи да чуете како се одвива приказната што всушност претставува една мошне чудесна авантура.
„Ако навистина толку многу сакаш да леташ, мислам дека знам еден начин како би можел да леташ додека сè уште си само мало момче“, му рекла мачката на малиот Елмер.
Можете само да замислите колку бил возбуден Елмер и нестрплив да го зграпчи предизвикот наречен – патување со мисија на Дивиот остров. Таму, на Дивиот остров живееле, се разбира, диви животни и ниеден човек. Од друга страна, пак, дивите животни чувале во заложништво едно бебе-змеј што го користеле како воздушен превоз преку една гоооолема река што го пресекувала островот на два дела (зашто ги мрзело да ја преминуваат водата по нејзината должина).

Бестрашниот Елмер, како во филмска акција, стигнал на овој остров (нема да ви кажам како, за сами да ја откриете магијата) и почнал да се пробива до местото каде што животните го чувале своето превозно средство – бебето-змеј. Но уште пред да тргне, неговата пријателка мачка го предупредила за сите опасности што го демнат на овој озлогласен остров.
Благодарение на советите на мачката и на неговата внимателност, Елмер успеал да ги насамари сите ѕверови во џунглата и со успех да ја заврши својата мисија. Деталите низ живописни реченици ќе ги најдете во овој класик на светската детска книжевност – „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет.
Затоа што секоја книга е ковчеже што во себе крие некое наравоучение, поуките од ова дело би биле:
* Вистинските желби се предодредени да се остварат (а предусловот е нивното остварување да не биде на ничија штета);
* Храброста е еден мошне важен услов (и човечка доблест) за да постои авантура. Макар тоа и да значело да криете и да се грижите за непожелна улична мачка во домот на вашите родители;
* За добрата намера не постојат пречки, та биле тие и диви животни  ;
* Бебињата-змејови и еднорозите не се само ликови од книги. Тие се нашата најблагородна цел – од животот да направиме бајка!
Се надевам дека ве убедив да посегнете по оваа книшка преполна со убава енергија. <:o)



912

X